Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Конкурс за доделување стипендии за академски студии од втор циклус во земјата за академската 2024/2025 година

Конкурс за доделување стипендии за академски студии од втор циклус во земјата за академската 2024/2025 година

 

 

 

Врз основа на член 52 од Законот за научно-истражувачка дејност (Службен весник на Република Македонија” бр. 46/08, 103/08, 24/11, 80/12, 24/3, 147/13, 41/14, 145/15, 154/15, 30/16 и 53/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 257/20, 163/21 и 64/24),  член 3 и член 6 од Правилникот за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачките кадри  (Службен весник на Република Македонија” бр. 18/12, 64/13, 98/13, 70/14, 88/14, 74/15, 140/15, 178/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр. 166/21) и член 1 од Правилникот за изменување  на правилникот за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачките кадри („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 187/24), Министерството за образование и наука распишува

 

К  О  Н  К  У  Р  С

ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ ЗА АКАДЕМСКИ СТУДИИ ОД ВТОР ЦИКЛУС ВО ЗЕМЈАТА ЗА АКАДЕМСКАТА 2024/2025 ГОДИНА

              

Министерството за образование и наука за академската 2024/2025 година ќе додели 50 стипендии за академски студии од втор циклус во земјата.

 

 I.УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА:

               Кандидатот кој ќе конкурира треба да ги исполнува следните услови:

1.      Да има завршено академски студии од прв циклус во траење од три, односно четири години и постигнат просечен успех од најмалку 8,50 или да има нострифицирано диплома за академски студии од прв циклус стекнати во странство со остварен еквивалентен просечен успех од најмалку 8,50;

2.      Да е запишан на академски студии од втор циклус, прв пат во прва година во академската 2024/2025 година, , на едно од следниве научни подрачја (области): природно-математичките науки (биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика) или на инженерство и технолошки науки (електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, сообраќај и транспорт, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство, инженерство за заштита на животна средина, инженерство за заштита на работна средина и индустриско инженерство и менаџмент); хуманистички науки; општествени науки.

3.      Студиската програма на која е запишан кандидатот да е акредитирана и да има решение за работа;

4.      На денот на конкурирањето да не е постар од 27 години;

5.      Да не е во работен однос  (на определено или неопределено работно време);

6.      Да не е корисник на стипендија од други даватели;

7.      Да знае минимум еден од светските јазици;

Министерството за образование и наука ќе додели вкупно четириесет (40) стипендии од научните подрачја (области) на природно-математичките науки и инженерство и технолошки науки; шест (6) стипендии од научното подрачје од хуманистички науки и четири (4) стипендии од научното подрачје од општествени науки.              

 

II. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ:

·     Пријава;

·     Диплома за завршени академски студии од прв циклус и уверение за постигнат успех (заверени на нотар) или нострифицирана диплома за академски студии од прв циклус стекнати во странство;

·        Потврда од високообразовната установа дека кандидатот е примен првпат во прва година на академски студии од втор циклус во академската 2024/2025 година, од кога започнува семестарот и колку семестри траат студиите;

·        Сертификат за познавање на еден или повеќе од светските јазици;

·        Своерачно потпишана изјава дека кандидатот не е корисник на стипендија за академски студии од втор циклус од други даватели (заверена на нотар).

·        Уверение за државјанство;¹

 ¹Министерството за образование и наука по службена должност обезбедува податок за доказ за државјанство на Република Северна Македонија од Министерство за внатрешни работи

 

               Документите кои се издаваат од институции од другите земји потребно е да бидат преведени на македонски јазик од соодветен овластен судски преведувач.

               Потребните документи за доделување на стипендиите за академските студии од втор циклус во земјата може да се доставуваат во оригинал или копии заверени на нотар.

              

III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА:

               Висината на стипендијата за студии од втор циклус во земјата изнесува 9.000 денари, за девет месеци во текот на академската година на која се запишале студентите со завршени академски студии од прв циклус во траење од четири години односно за осумнаесет месеци за студентите со завршени академски студии од прв циклус во траење од три години.

IV. ОБВРСКИ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ

               1.    Избраниот кандидат со договор се обврзува дека ќе ги врати доделените средства доколку најдоцна до пет години од потпишувањето на договорот не магистрира.

 

V. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ 

              

*Доколку се пријават поголем број кандидати од предвидените 50 стипендии, Министерството за образование и наука ќе го примени критериумот за прифаќање на кандидатите со повисок просек односно рангирањето ќе се врши по основ на висината на просечниот успех постигнат во првиот циклус на студии. Во случај на пријавени кандидати со ист просек, Министерството за образование и наука предност ќе им даде на оние кандидати кои знаат повеќе светски јазици.

 

Конкурсот ќе трае од денот на објавување заклучно со 18 ноември 2024 година.              

 

               Документите да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од втор циклус во земјата) или електронски на: https://e-uslugi.mon.gov.mk.

               Некомплетните документи нема да се разгледуваат.

Информации за условите и критериумите под кои ќе се доделуваат стипендиите можат да се добијат во Министерството за образование и наука, лице за контакт: Аријета Рамадани, канцеларија бр.1408 или на телефон 02/3140-183.

 

 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar