Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Јаневска: 815 образовни асистенти неделава етапно влегуваат во основните училишта

Јаневска: 815 образовни асистенти неделава етапно влегуваат во основните училишта

 

Јаневска: 815 образовни асистенти неделава етапно влегуваат во основните училишта

 

Од денеска образовните асистенти влегуваат во училиштата и етапно до крајот на неделава сите 815 избрани на јавните конкурси ќе бидат ангажирани да им помагаат на учените со попреченост. Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром, каде веќе работат 12 образовни асистенти.

„Ресурсниот центар „Златан Сремец“ кој ја покрива и територијата на Аеродром успешно го привршува процесот на ангажирање на образовните асистенти. Денес во ова и во другите училишта во општината има образовни асистенти“, рече Јаневска.

Министерката информираше дека се работи на креирање системско решение за начинот и навременото ангажирање на образовните асистенти во следните учебни години. Со новите закони за основно и средно образование ќе се определи датум во текот на месец јуни до кој ќе мора да биде завршена целата постапка.

„Новина е што обезбедуваме асистенти и за средните училишта, што досега не беше случај, а исто така и тоа што асистентите ќе го следат ученикот во целиот негов образовен процес освен ако не престане потребата за асистент, ако асистентот одлучи да се исклучи од овој процес или доколку родителите сметаат дека нивното дете би можело да постигне подобар успех со друг асистент“, рече министерката, додавајќи дека очекува образовни асистенти во средите училишта да има најрано во јануари 2025 година. 

„Работиме на нов Закон за средно образование и тој многу скоро ќе биде ставен на јавна расправа, таа треба да заврши, па да помине на Влада и да се поднесе во Собрание. Сите ќе можат да го видат и да дадат сугестии за утврдување на најдобрата содржина на сите одредби“, нагласи Јаневска.

 

 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar