Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Министерката Јаневска на учениците им посака среќен почеток и година исполнета со многу нови знаења, другарувања и убави случувања

Министерката Јаневска на учениците им посака среќен почеток и година исполнета со многу нови знаења, другарувања и убави случувања

 

Министерката Јаневска на учениците им посака среќен почеток и година исполнета со многу нови знаења, другарувања и убави случувања

 

Денес почна новата учебна година за 245 илјади основци и средношколци. Министерката за образование и наука Весна Јаневска на учениците им посака среќен почеток и година исполнета со многу нови знаења, другарувања и убави случувања.

„Првата лекција што треба да ја научите е лекцијата за заедништвото, за соработката и за поддршката. Ова сакам да го слушнат и да го запаметат учениците – не сте сами во ниту еден момент, тука се за сè да ви помогнат вашите другарчиња од одделението, тука се вашите наставници и родителите, со нив можете сè да споделите. Барајте помош, радувајте се заедно, помогнете му на другарчето кога му треба. Само така ќе израснете во луѓе со вистински вредности“, рече министерката Јаневска во ОУ „Стив Наумов“ во Автокоманда, каде заедно премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Бобан Стефковски, доделија бесплатни униформи на учениците.

Министерката Јаневска посочи дека оваа учебна година почнува со обезбедени учебници и материјали за учење. Од учениците побара повеќе да читаат, а компјутерите и таблетите, освен за игра, да ги користат и за дополнување на наученото на час.

„Слушајте ги вашите наставници. Тие се тука не само да ви ги предаваат лекциите, туку и да ве мотивираат да стекнете што повеќе знаења, да ве инспирираат да се развивате и да напредувате. Желбата на секој наставник е неговите ученици да постигнат голем успех во тоа што ќе го работат во иднина и во приватниот живот, и да ги надминат своите учители. Прашувајте ги, тие се подготвени да одговорат на секое прашање“, нагласи  Јаневска, укажувајќи на важноста на наставникот во воспитно-образовниот процес.  

Од родителите побара повнимателно да ги слушаат и гледаат своите деца, за да забележат кога имаат потреба да споделат радосна вест или да кажат дека нешто ги мачи.

„Само ако функционира двоецот родител-наставник можеме да очекуваме успех во школувањето и брзо решавање на предизвиците“.

Учебната 2024/25 ќе трае до 10 јуни, без пролетен распуст. Во една смена ќе работат 140 училишта. Како поддршка на учениците со попреченост ќе бидат ангажирани над 1.000 образовни асистенти. За организирање настава во услови на топлотен бран, изготвен е посебен Протокол.   

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar