Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Јаневска: Обврска на сите нас е да го негуваме македонскиот јазик и системски да работиме на зацврстување на македонската литература и култура во светот

Јаневска: Обврска на сите нас е да го негуваме македонскиот јазик и системски да работиме на зацврстување на македонската литература и култура во светот

 

Јаневска: Обврска на сите нас е да го негуваме македонскиот јазик и системски да работиме на зацврстување на македонската литература и култура во светот

 

Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што по 57. пат се одржува во Охрид, е неповторлива можност за учесниците да ги усовршат и збогатат своите знаења од областа на македонистиката и кога ќе се вратат во своите средини, да бидат нашите најдобри промотори, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на семинарот. 

„Сите ние што живееме овде и нè прегрнува Плаошник, имаме обврска кон човештвото да го споделиме богатството на Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски, на што повеќе јазици, затоа што тоа е македонско, и светско истовремено. И не само нивното, туку и на плејадата дејци чии творби на македонски јазик носат длабока хумана есенција. Затоа ни се потребни добри преведувачи, сериозни проучувачи и познавачи на македонскиот јазик, вљубеници во македонскиот збор“, нагласи Јаневска. 

Негувањето на македонскиот јазик и зацврстувањето на неговата позиција на глобално ниво е програмски приоритет на новата Влада. Јаневска укажа дека од аспект на евроинтеграцијата на државата, тоа значи зајакнување на преведувачките и толкувачките капацитети за македонски јазик, со цел навремена и квалитетна подготовка на националната верзија на европското законодавство и обезбедување квалитетна поддршка во текот на пристапните преговори. 

„Поразувачка е реалноста дека сега има помалку лекторати по македонски јазик во странство, отколку во времето на СФРЈ. Затоа и во Програмата на оваа Влада како приоритет е зацртано одржување на постојните и отворање нови лекторати и курсеви по македонски јазик на универзитетите во странство. Зашто, за сите нас е трогателно кога слушаме млади луѓе од странски земји кои многу внимателно се трудат да зборуваат на македонски, пеат македонски песни и знаат да одиграат македонско оро. Ако ги оставиме на стихијата, овие примери ќе бидат сè поретки. Ако пак сите заедно, посебно државните институции и академските установи, посветат заслужено внимание на важноста на лекторатите како мали македонски културни центри во светските метрополи, ќе добиеме многу како држава“, посочи министерката за образование.

Јаневска побара од академската сфера и професорите да ја зајакнат научната работа, посебно во делот на македонистиката и да предничат во севкупните напори за јакнење на македонскиот јазик како суштински елемент на националниот и културен идентитет на Македонците.

На Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, основан во 1967 година, досега учествувале  повеќе од 5.000 учесници од над 70 земји, меѓу кои истакнати македонисти, филолози, балканолози, слависти, студенти, професори по македонски јазик и литература на странски универзитети, научни работници што го изучуваат македонскиот јазик на лекторатите на МСМЈЛК и на универзитетите во светот.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar