Учебната 2024-2025 година ќе започне на 2 септември (понеделник) и нема да има пролетен распуст за учениците. Министерството за образование и наука направи легитимна анкета на која граѓаните го кажаа своето мислење. Мнозинството родители, ученици и наставници се изјаснија дека не сакаат пролетен распуст како во изминатата учебна година, а потоа и продолжување на наставата по 10 јуни, информираше денеска министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.
Таа додаде дека анкетата беше спроведена поради различните ставови во јавноста по однос на пролетниот распуст во основното и средното образование минатата учебна година.
МОН прашалникот го испрати до училиштата, а воедно и јавно беше достапен со цел, сите засегнати – наставници, ученици, родители/старатели да го дадат своето лично мислење и да се донесе транспарентна одлука.
Претходната учебна година, основните и средните училишта од 29 април до 6 мај беа на пролетен распуст. Наставната година за основците заврши на 17 јуни, додека за средношколците, како и изминатите години, на 10 јуни.