Првата фаза од Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија, што опфаќа целосната реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, почнува по новогодишните празници и ќе трае 18 месеци. Двата дома ќе добијат подобрена одржливост и енергетска ефикасност, што ќе придонесе за почиста животна средина и за финансиски заштеди, а истовремено студентите ќе добијат подобри услови за учење и живеење.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешното потпишување на договорот за рехабилитација на двата студентски дома, рече дека Проектот ги опфаќа сите 9 државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид и се реализира со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.
„Почнуваме со двата студентски дома во Скопје. Предвидена е промена на водоводната инсталација во домовите и отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија. Она што посебно сакам да го нагласам, е опремувањето на соби за студенти со посебни потреби“, рече Шаќири.
Реконструкцијата на студентските домови ќе се одвива во три фази, а процедурите за реализација на Проектот се водат согласно правилата на Германската развојна банка. Во втората фаза е предвидена реконструкција на студентските домови „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје, „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип и студентскиот дом „Народен херој Орде Чопела“ во Прилеп. Во третата фаза ќе се реконструираат студентските домови „Кочо Рацин“ во Битола и „Пелагонија“ во Скопје како и мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
Министерот Шаќири потсети дека подигнувањето на студентскиот стандард е еден од приоритетите на Владата и на Министерството за образование и наука.
„За да можат што повеќе студенти кои студираат надвор од местото на живеење да бидат сместени во државен студентски дом, изградивме и нов дом во Тетово, што е целосно опремен и е еден од најсовремените во државата. Во него веќе два месеци престојуват и учат студенти“, посочи министерот, додавајќи дека секоја година се зголемува финансиската поддршка за студентите, со воведување нови категории на стипендии и зголемување на постоечките.
Веќе трета година функционира субвенционираниот студентски оброк како системско решение со кое студентите добиваат финансиска поддршка за здрав оброк. Оваа академска година за студенти кои живеат надвор од местото на студирање, во рамки деветтиот пакет антикризни мерки на Владата, предвидена е и финансиската поддршка во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење на студентот до местото на студирање.
Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање пред потпишувањето на договорот, рече дека со оваа инвестиција, на дело покажуваме дека позитивните промени се возможни и решаваме децениски горливи прашања, затоа што, како што посочи, имаме соработници и поддршка од држави во Европската Унија за реализација на конкретни проекти за студентите, за нашите академски граѓани кои се движечка сила на нашето општество. Оваа Влада континуирано работи на подигнување на студентскиот стандард, додаде тој.
„Принципот на реконструкцијата е холистички, целта не е само да се воведе енергетска ефикасност. Реновирањето на санитарните јазли, замената на електричната опрема, санирањето на заеднички простории за учење, подигнувањето на безбедноста и слично, овозможува и подобрување на средината за учење на студентите и заштита на животната средина. Ценам дека обновливата енергија треба да се користи секогаш кога тоа е можно. Еден од клучните елементи ќе биде да се влијае на подигнувањето на навиките за енергетска ефикасност и подобри услови за живот и работа на студентите и вработените“. Ова е пораката која по повод потпишувањето на договорот за реконструкција на студентските домови ја испрати Пабло Обрадор, раководител на Одделот за енергија и мобилност во Германската развојна банка, задолжен за Југоисточна Европа.
„Следејќи ја Зелената агенда и Економскиот инвестициски план, Европската Комисија ги претвора климатските и еколошките предизвици во можности во сите области на политиката и ја прави транзицијата праведна и инклузивна за сите. ЕУ ја продолжува својата посветеност да го поддржува македонскиот енергетски сектор, фокусирајќи се на енергетската ефикасност како инструмент за забрзување на декарбонизацијата. Со средства обезбедени од Инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан, германската влада и KfW, како „Тим Европа“ работиме на тоа да им обезбедиме на студентите подобри услови за живот и да го подобриме квалитетот на животот“, рече в.д. амбасадорот на ЕУ во Скопје, Штефен Худолин.
Вредноста на договорот за реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, што се потпиша денес, е 17 милиони евра.