Национална рамка на квалификации е моќна алатка што им служи на граѓаните на оваа држава, било да се тие студенти, академскиот кадар, работодавачи или политичари. Таа овозможува усвоените знаења и вештини да бидат признаени и ценети, што е важно при барање работа или продолжување на образованието. И не само дома, туку и во Европа, зашто Националната рамка на квалификации е поврзана со Европската, овозможувајќи им лесна „читливост“ на нашите квалификации а со тоа и мобилност на работниците, студентите и академскиот кадар. Националната рамка на квалификации го олеснува признавањето на знаењата и вештините стекнати и преку неформално и искуствено учење и дава значајна помош во планирањето на образовните политики.
Ова го нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири на официјалното затворање на твининг проектот „Понатамошна поддршка за имплементирање на Националната рамка на квалификации“, што во изминативе 27 месеци го реализираше Министерството со поддршка на експерти од Литванија, Франција и Словенија.
Главната цел на проектот беше дополнително зајакнување и поголема применливост на Националната рамка на квалификации. Фокусот беше ставен на подобрување и имплементирање на постапките за обезбедување квалитет, транспарентност и управувањето со вештини и квалификации во сите етапи на образованието, подобрување на квалитетот и приспособливоста на образованието и обуките согласно барањата на пазарот на труд, поврзување на формалното, неформалното и искуственото учење како и на поддршка во процесот на валидација на резултатите од нив.
Министерот Шаќири рече дека за држава која е аспирант за ЕУ, експертската помош е од исклучителна важност за да развие неопходни ресурси и да ги зајакне своите капацитети, додавајќи дека очекува таа и во иднина да продолжи како поддршката на реформските процеси.