Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Јавен повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2023/24 година

Јавен повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2023/24 година

 

Врз основа на Законот  за субвенциониран студентски оброк („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 31/2020, 150/2021,  251/22 и 91/23) и Правилникот за формата и содржината на изјавата за точност на внесените податоци и  за формата и содржината на образецот на пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 299/20 и 164/21), Министерството за образование и наука распишува

 

ЈАВЕН ПОВИК

за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2023/24 година

 

Се повикуваат сите студенти кои ги исполнуваат следните услови да се пријават на јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран оброк

1.    Кои се државјани на Република Северна Македонија;

2.    Кои се редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети:

3.    Кои не се во редовен работен однос;

4.    Кои не се регистрирани како индивидуални земјоделци и

5.    Кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.

 

I. Начин на пријавување

 

Кандидатите треба да се пријават електронски на следниот линк: https://e-uslugi.mon.gov.mk/. При пријавувањето, кандидатите треба да ги пополнат обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци  во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и потпишани да ги прикачат кон електронската апликација на https://e-uslugi.mon.gov.mk/ преку која се пријавуваат за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.

Секој кандидат може да ја провери поднесената пријава, во електронската апликација во менито „Мои апликации“.

За помош при аплицирањето погледнете го следното видео: ВИДЕО (начин на аплицирање)

 

 

Министерството за образование и наука по службена должност ги обезбедува доказите од надлежните институции (МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите), а кои се однесуваат на условите за пријавување за остварување на правото на субвенциониран оброк за секој кандидат поединечно.

 

II. Рок за пријавување

 

Рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 10 август 2023 година. За кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар рокот за пријавување е од 27 септември до 2 октомври 2023 година.

По истекувањето на роковите за пријавување Министерството за образование и наука ќе го извести секој кандидат за статусот на пријавата по електронски пат.

Исто така, рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк со Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк објавен од страната на Министерството ќе биде од 1ви до 5ти во месецот за секој месец од академската 2023/2024 година. 

  

III. Останати информации

 

Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, што студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна.

Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота. Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во наведениот период не го искористи правото на субвенционирање студентски оброк, износот од субвенциониран студентски оброк не му се префрла во наредниот ден. Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува во периодот од 1 јули до 1 октомври во годината во која се стекнал со правото на субвенционирање студентски оброк, како и за време на државни празници и неработни денови.

 

Министерството за образование и наука склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје за реализација на исплатите за субвенциониран студентски оброк. Оттаму, сите студенти кои ќе се стекнат со правото на субвенциониран студентски оброк, ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, независно од тоа дали  претходно биле клиенти на Шпаркасе банка. За отворањето на сметката и издавањето на платежната картичка студентот нема да има трошоци.

Студентот ќе може да ги троши средствата наменети за субвенциониран студентски оброк кај даватели на субвенциониран студентски оброк, кои се правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна единствено преку картичката на Шпаркасе банка АД Скопје. Доколку студентот не ја подигне навремено картичката или воопшто не ја подигне картичката нема да може да ги искористи средствата на ниту еден друг начин. Рокот и начинот на подигање на картичките ќе биде дополнително објавен од страна на Министерството и Шпаркасе банка.

 

Исто така, секој 1ви до 5ти во месецот за секој месец од академската 2023/2024 година ќе тече рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат критериумите наведени во во овој повик.

 

Министерството го испишува лицето од евиденцијата на корисници на субвенциониран студентски оброк кога ќе утврди дека повеќе не ги исполнува условите за користење на субвенциониран студентски оброк.

 

За сите прашања поврзани со пријавувањето на корисниците за субвенциониран студентски оброк, Министерството за образование и наука обезбеди поддршка преку Секторот за ученички и студентски стандард и тоа на следниот контакт: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk  или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar