Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Шаќири: Со вложување во финансиската писменост градиме млади луѓе кои одговорно се однесуваат во светот на парите

Шаќири: Со вложување во финансиската писменост градиме млади луѓе кои одговорно се однесуваат во светот на парите

 

Шаќири: Со вложување во финансиската писменост градиме млади луѓе кои одговорно се однесуваат во светот на парите

 

Продолжете да стекнувате продлабочени знаења од областа на финансиите, затоа што така развивате животни вештини и ставови кои директно влијаат врз вашата благосостојба како возрасни, им порача министерот за образование и наука Јетон Шаќири на учениците кои годинава покажаа најголема финансиска писменост и беа во трите најдобри тимови на Националниот натпревар на Европскиот квиз на пари. Средбата ја организираше Македонската банкарска асоцијација, а министерот Шаќири им се заблагодари за придонесот во промоцијата и спроведувањето финансиска едукација на учениците.

 

„Финансиската писменост е важна за младите луѓе, за да можат подоцна да носат правилни одлуки и од лична и од деловна перспектива, правилно да менаџираат со финансиските средства и да ги користат ефективно и ефикасно. Нејзината важност е уште понагласена во услови на брз технолошки прогрес што предизвикува тектонски промени во финансиите, почнувајќи од борбата меѓу физичките и дигиталните валути, па сè до несопирливиот пробив на вештачка интелигенција во светот на парите“, нагласи министерот Шаќири.

 

Тој укажа на неопходноста од квалитетно финансиско образование, што ќе биде системски интегрирано, овозможувајќи им на младите да стекнат основни компетенции во оваа област, што натаму ќе можат да ги развиваат и надградуваат.

„Во постојниот образовен систем се вклучени одделни сегменти на финансиската едукација, но ни претстојат уште активности, заедно со регулаторните институции на финансискиот систем, приватниот сектор и нашите меѓународни партнери, доколку сакаме  финансиската едукација да ја поткренеме на повисоко ниво, создавајќи генерации подготвени да ја преземат одговорноста за својата финансиска иднина“, рече Шаќири.

Република Северна Македонија по петти пат се вклучи во овој проект на Европската банкарска федерација, наменет за финансиска писменост на учениците од 13 до 15 години.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar