Истекува рокот за аплицирање на повикот на Министерството за образование и наука и Мисијата на ОБСЕ во Скопје за доделување на грантови со кои ќе се финансира спроведувањето на заеднички наставни и воннаставни активности на децата со различно етничко потекло и јазици на територијата на Република Северна Македонија. Министерството за образование и наука ги потсетува училиштата дека апликација може да се поднесе заклучно со 30 април.
Право на учество на повикот имаат сите училишта и градинки, во соработка со педагошките факултети и општините, кои, доколку бидат избрани, ќе добијат грант во висина до 7000 евра за реализирање на предложените активности што ќе ќе треба ги реализираат во периодот јуни 2023 - мај 2024 година, Упатствата и формуларите за аплицирање се достапни на следниот линк.
Отворениот повик е објавен во рамки на новиот проект „Градиме нови мостови“ за кој МОН и ОБСЕ потпишаа меморандум на почетокот на годинава, а неговата цел е зголемување на довербата, соработката и разбирањето помеѓу децата и младите од различните етнички заедници, преку почесто заедничко дружење и учење.
Вкупниот буџет наменет за имплементација на овој проект е речиси 500 илјади евра, обезбеден со донаторска поддршка од Кралството Норвешка, Република Полска и Големото Војводство Луксембург.