Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Шаќири: наскоро Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе добие комплетен инфраструктурен кампус

Шаќири: наскоро Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе добие комплетен инфраструктурен кампус

 

Шаќири: наскоро Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе добие комплетен инфраструктурен кампус

 

 

Државниот универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје наскоро ќе биде преместен во кругот на поранешната касарна „Илинден“ каде согласно владина одлука од минатата година, дел од објектите етапно се отстапуваат и уредуваат за потребите на оваа високообразовна установа. За интензитетот на активностите денеска на средба во просториите на Министерството за образование и наука разговараа министерот Јетон Шаќири и ректорот на универзитетот, проф. д-р Изет Зеќири.

 

Двајцата соговорници изразија задоволство од текот на целиот процес кој треба да го реши најголемиот предизвик со кој се соочува последниот универзитет основан од државата, а тоа е недостигот на соодветни инфраструктурни услови, односно универзитетски кампус.

 

„Дел од сегашните студентски генерации, како и многу нови ќе следат настава во најсовремени предавални и амфитеатри. Оваа наша заложба е дел од напорите за обезбедување на што подобри услови за образование за младите. Тие мора да бидат задоволни од тоа што им го нуди земјата, за да бидат и доволно мотивирани да возратат по дипломирањето, вложувајќи го својот интелектуален капацитет токму тука“, рече министерот Шаќири.

 

Ректорот Зеќири се заблагодари за поддршката која ја добива од државата за развој на универзитетот и изрази уверување дека успешната приказна која ја гради високообразовната установа ќе продолжи и во иднина.

 

Универзитетот „Мајка Тереза“ во моментов функционира во објект во центарот на градот, како привремено решение до конечната изградба на универзитетскиот кампус. За 6 години откако е основан на истиот, на 5те факултети во состав кои нудат 36 студиски програми, се запишале над 3000 студенти. 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar