Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Шаќири: ги стимулираме младите да се вклучуваат во СТЕМ областите

Шаќири: ги стимулираме младите да се вклучуваат во СТЕМ областите

 

Шаќири: ги стимулираме младите да се вклучуваат во СТЕМ областите

 

 

Државата може да биде горда што има повеќе девојки и жени со успешна СТЕМ кариера, и тие се  инспиративни модели за младите да се посветат на учење, наука и истражувања.  Последниот извештај на УНЕСКО покажува дека нашата држава е лидер во Европа според бројот на жени истражувачи. Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на доделувањето стипендии на студентки од факултети од областа на науката, технологијата, инженерството и математиката, а во рамки на програмата „Global Engineer Girls“ која групацијата Лимак ја спроведува со поддршка од Министерството за образование и наука и УНДП.

 

 

„Исклучително ми е драго што нова група студентки-стипендистки добива поддршка за вклучување во предизвикувачкиот свет на науката, технологијата, инженерството и математиката. Живееме во време на хуманоидни роботи, нанотехнологија и 3-Д принтање, во земја во развој за која е клучно да фати приклучок со развиениот свет, а тоа може да се реализира само преку образованието и науката. При тоа, овие области се од суштинско значење за државите кои сакаат да ја подобрат својата економија, инфраструктура и здравствен систем“, рече Шаќири.

Министерот потенцираше дека со конкретни политики, низа мерки и инвестиции државата стимулира што повеќе девојки и жени да ги одберат СТЕМ областите. Потсети дека средношколците кои ќе запишат студии од прв, втор или трет циклус на домашните или на престижни странски универзитети, добиваат стипендии и финансиска поддршка од буџетот на МОН за да студираат математика, физика, хемија, информатика и слично.

 

„Нашите студенти имаат можност да користат стипендии за студирање и научно – истражувачки престој и во други земји, согласно воспоставените билатерални односи и потпишани договори за соработка, а како држава активно учествуваме и во размената на студенти преку ЕРАЗМУС програмата“, додаде министерот.  

Шаќири нагласи и дека Министерството за образование и наука во изминатите две години значително ја зголеми буџетската поддршка за наука и истражувања, односно после подолг период започна финансирањето на научни проекти кои се од национален интерес, а се поддржа и набавката на нови лабораториски ресурси за потребите на научните и високообразовните установи.

 

„Програмата за развој на Обединетите нации веќе долги години работи со Министерството за образование и наука и приватниот сектор во правец на обезбедување поддршка преку конкретни модели фоксурана на квалификувана работна сила, како и нивна преквалификација и доквалификација.  Во тој правец е и ова партнерство со ГЕГ иницијативата и Групацијата Лимак преку која ќе се поддржат студентки запишани во СТЕМ факултетите, како нова движечка сила на пазарот на трудот. Драго ни е што ќе имаме можност да понудиме бесплатни тренинг обуки за идни вештини во Центарот СкиллсНекст во Тетово преку кој девојките ќе добијат дополнителни вештини за поефикасно вклучување на пазарот на трудот – истакна Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во државата.

 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar