Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во рамките на билатералната седница помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Албанија, потпиша два Меморандума и една Програма за соработка со неговата колешка, министерката за образование и спорт Евис Куши.
Првиот меморандум се однесува за соработка меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерство за образование на Република Албанија за корекција/јазична редакција на албанскиот јазик во Република Северна Македонија и во Република Албанија.
Страните ќе соработуваат за употреба на албанскиот стадарден јазик преку заеднички активности поврзани со корекција/јазична редакција на албанскиот јазик во Република Северна Македонија и во Република Албанија во областа на образование, здравство, правосудство, медиуми, јавна управа и други области од заеднички интерес.
Вториот меморандум, потенцираше министерот, кој беше потпишан денеска, Меморандум за соработка меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерството за образование на Република Албанија за примена на албанскиот знаковен јазик во Република Северна Македонија и во Република Албанија.
- Со овој Меморандум се обврзуваме да бидат ангажирани експерти за знаковен јазик за негово изучување од целни групи како што се лица со говорни пречки, глуви и делумно глуви лица, како и за изработка на наставните програми на албански знаковен јазик, методологии за двојазично образование за глуви ученици во нивоата на образование (предучилишно, основно, средно и високо образование), како и за промовирање и подигање на свеста за правата на глувите лица во однос на социјалната заштита, вредностите за помош и грижа за лицата со одреден степен на попреченост во зборувањето и слушањето, изјави Шаќири.
- Со цел развивање и продлабочување на постојната соработка во областа на образованието и научните истражувања меѓу институциите на двете земји, се обврзавме да ја поддржиме соработката во областа на предуниверзитетското образование и спортот преку директни контакти на предуниверзитетските и спортските институции, со размена на искуства, учебници, рече Шаќири по потпишувањето на Програмата за соработка.