Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Шаќири: Градиме инклузивен образовен систем, но создавањето општество без стигма е обврска на сите

Шаќири: Градиме инклузивен образовен систем, но создавањето општество без стигма е обврска на сите

 

Шаќири: Градиме инклузивен образовен систем, но создавањето општество без стигма е обврска на сите

 

 

Услугата образовна асистенција во основно образование, веќе втора година e обврска на државата, а бројот на образовни асистенти од 500, годинава е зголемен на 750. Во изминатите неколку години спроведовме и трансформацијата на посебните основни училишта во основни училишта со ресурсен центар, а посебните паралелки сега се центри за поддршка на учењето на учениците со попреченост. Ова се дел од конкретните мерки и активности што ги реализира Министерството за образование и наука за подигнување на нивото на инклузивност на воспитно-образовниот систем, за кои министерот за образование и наука Јетон Шаќири говореше на меѓународната научно-стручна конференција „Образование на лицата со попреченост – состојби и перспективи“, во Скопје, во организација на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, Филозофскиот факултет - Скопје и Педагошкиот факултет – Тетово.

 

 

Инклузивното образование веќе е глобална норма. И за Владата на Северна Македонија еден од приоритетите е обезбедувањето квалитетно образование кое на секое дете ќе му помогне целосно да го искористи својот потенцијал, за да може успешно да се интегрира во општеството и лично да биде среќен граѓанин“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека конференции како оваа даваат значаен придонес во подобрувањето на можностите за образование на децата кои не смеат да бидат обесправени поради нивнaта различност.

 


Последните неколку години се интензивираат активностите за обезбедување квалитетно инклузивно образование. Согласно новата Концепција за основно образование, почна процес на адаптација на учебниците и нивно печатење со Браева азбука, како и адаптација во аудио формат, со аудио читач кој може да ги чита наставните материјали на македонски и на албански јазик.

 

„Го интензивиравме и вложувањето во пристапноста на инфраструктурните објекти, така што услов за одобрување на буџетски средства за инвестициски проекти на општините и училиштата е пристапноста до објектот за лица со попреченост. Доделувањето на стипендии за ученици со попреченост е регулирано со програмите за ученички и студентски стандард и работиме на проширување на можностите за овие ученици“, укажа Шаќири.  

 

Министерството соработува и со други институции и граѓански здруженија на бројни проекти што го унапредуваат процесот на образовна инклузија. Но, како што нагласи министерот Шаќири, за да не биде инклузијата идеја што повеќе ветува отколку што може да се реализира, неопходно е целото општество, на сите нивоа, вклучувајќи го и личното, да застане зад неа. Тој рече дека инклузијата е сложен предизвик и во време на општествена стабилност, а посебно се изострува кога минуваме низ економски и социјални кризи и затоа сега е уште поважно сите да се вклучиме во градењето општество без стигма. 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar