На светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина - 8ми мај, во земјава започнува едукативна кампања „Првата помош спасува живот“ во чии рамки над 25 илјади ученици од основните и средните училишта ќе бидат обучени како навремено и правилно да интервенираат во кризни ситуации, а со цел да спрасат нечиј живот или да намалат компликации од настанати повреди и инвалидитет. Почетокот на кампањата која ја организира Црвениот крст на Република Северна Македонија, во соработка и со поддршка на повеќе институции меѓу кои и Министерството за образование и наука, беше најавен на промотивен настан во Градскиот парк на кој учествуваше и државниот секретар во МОН, Анета Трпевска.
Честитајќи им го денот на раководството и волонтерите на Црвениот крст, Трпевска посака оваа организација успешно да продолжи да опстојува затоа што е важен општествен чинител и фактор кој придонесува кон институционалните и општествени заложби за здравствена превенција и социјална заштита на граѓаните на Северна Македонија.
Трпевска го поздрави започнувањето на кампањата чија реализација е поддршка на образовниот процес како и придонес кон зајакнување на соработката и унапредување нашето општество, со надеж дека истата ќе прерасне во континуирана активност преку која ќе бидат опфатени што поголем број ученици.
Државниот секретар во МОН потенцираше дека токму преку ваквите иницијативи се создаваат и нови волонтери и хуманитарци кои се приклучуваат кон мисијата на Црвениот крст и даваат голем придонес кон развојот на општествената и глобалната хуманитарна дејност.