Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Се одбележува 11ти февруари - Меѓународен ден на девојките и жените во науката

Се одбележува 11ти февруари - Меѓународен ден на девојките и жените во науката

 

Се одбележува 11ти февруари - Меѓународен ден на девојките и жените во науката

 

Северна Македонија е лидер во Европа според бројот на жени истражувачи кои имаат учество од 53% во вкупниот број на истражувачи во државата и тоа е потврдено во последниот објавен извештај на УНЕСКО. Им честитам на сите млади девојки и жени од овие простори кои одлучиле да се занимаваат со наука. Тие се значаен столб на кој се потпира севкупниот општествено економски тек и напредок, а секако имаат и придонес кон глобалниот развој.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната конференција организирана од страна на Мрежата Жени во науката со поддршка на Општина Чаир, по повод 11ти февруари - Меѓународниот ден на девојките и жените во науката, на која присуствуваше и сопругата на претседателот на државата Елизабета Ѓорѓиевска, а учествуваа и повеќе други високи претставници од земјата и од регионот. 

Тој рече дека жените научнички заслужуваат посебна почит од општеството. Особено од институциите на системот кои мора постојано да им овозможуваат што подобри услови и можности за работа и нивниот труд соодветно да биде вреднуван, како мотив за дополнителни заложби. 

„Владата токму тоа и го прави. Само во изминатата календарска година преку јавни повици, околу 243 милиони денари буџетски средства беа доделени за да се поддржи реализацијата на научно - истражувачки проекти од посебен јавен интерес кои ги спроведуваат јавните научни установи, како и за подобрување на условите за работа во лабораториите на јавните високообразовни и научни установи“, рече Шаќири.

Додаде и дека стимулативна мерка за создавање нови научници се и стипендиите за втор и трети циклус на студии во државата. Како што рече, првите вратени по 10тина години откако беа укинати, а вторите, оние за докторски студии се воведени за прв пат. Изрази уверување дека трендот на постојан раст на буџетот за наука ќе продолжи и во иднина.

Министерот рече дека Северна Македонија ќе продолжи и во иднина да учествува во глобалното одбележување на овој ден, затоа што оваа иницијатива на Обединетите нации ја сензибилира родовата еднаквост и ја истакнува подготвеноста на жените да дадат придонес кон научната  дејност, додавајќи дека неодамна државата ја поддржа и Љубљанската декларација за родова еднаквост во истражување и иновации.

[ петок, 11 февруари 2022 ] [ 0 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar