На 1-ви декември 2021-ва година се одржа првиот состанок на Управниот Комитет на Твининг проектот „Понатамошна поддршка за имплементирање на националната рамка за квалификации“ MK IPA 17 SO 01 21. Проектот е финансиран од Европската Унија и ќе биде имплементиран во период од 27 месеци.
Проектот се имплементира во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и институции од Литванија, Словенија и Франција како земји членки партнери на Проектот. Водечка земја членка на Проектот е Министерството за образование, наука и спорт на Литванија во соработка со Центарот за проценка на квалитет на високото образование, Центарот за развој на квалификации и стручно образование и обука, Агенцијата за Европски социјален фонд и Високиот совет за евалуација на истражувањето и високото образование на Франција заедно со Институтот за стручно образование и обука на Република Словенија како помлади партнери на Проектот.
Главна цел на Проектот е дополнително зајакнување и операционализација на Националната рамка за квалификации (НРК), со што ќе се зголеми вработливоста, мобилноста и социјалната интеграција на работниците и учениците во Република Северна Македонија. Буџетот на Проектот изнесува 1.500.000,00 евра.
Се очекува Твининг Проектот да ја потпомогне функционалноста на НРК преку:
- понатамошно развивање и имплементација на процеси/процедури за осигурување на квалитет
- транспарентност и управување со вештините и квалификациите во рамки на доживотното учење во општото образование и стручното образование и обука и високото образование,
- подобрување на квалитетот и подобра приспособливост на образованието и обуките согласно барањата на пазарот на трудот,
- поврзување на формалното, неформалното и искуственото учење, како и
- поддршка на процесот на валидација на резултатите од учење стекнати преку неформално или искуствено учење.
Г-динот Сељатин Бељули, Државен Секретар на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија им посака добредојде на сите присутни и во својот говор ја потенцираше важноста од имлементирање на овој проект за самото Министерство, како и за сите институции и засегнати страни кои се вклучени во процесот. Учесниците, меѓу кои беа претставници на Делегацијата на Европската Унија за Република Северна Македонија, Секторот за централно финансирање и склучување договори, како и Секторот за Европска Унија – ИПА структура, беа дел од конструктивната дискусија поврзана со значењето на резултатите од проектот и активностите кои се засноваат на размена на искуства и знаења помеѓу земјите членки на ЕУ и земјата корисник.