Продолжување на сите тековни активности во областите на основното, средното, високото образование и науката, но и воведувањето на низа новини во следниот период, со кои ќе се подобри квалитетот на воспитно - образовниот процес и ќе се обезбедат повеќе бенефиции за учениците, студентите, наставниците, професорите и научниците беше во фокусот на координативниот состанок кој министерот за образование и наука Јетон Шаќири го одржа денеска со државните советници во министерството.
За време на состанокот Шаќири изрази очекувања за конструктивност од страна на сите советници и како што рече, максимален придонес за целосно исполнување на програмата за работа на министерството која е одобрена од Владата и треба да се реализира до 2024 година.
„Сите сегменти на образованието и науката се важни. Нормално е да има приоритети, а јас тука би ја издвоил дигитализацијата, унапредувањето на ученичкиот и студентскиот стандард, како и подобрувањето на образовната инфраструктура. Но секако, заедно ќе се посветиме и на сите останати работи и ќе обезбедиме континуитет на оние проекти, мерки и активности кои веќе го дадоа ефектот кој се очекувал од нив и имаме информација за тоа“, рече министерот.