По повод 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, Министерството за образование и наука организираше конкурс за ученици од основното образование инспирирани од неговите дела. На избраните 27 победници денес на настан организиран за оваа цел, министерката за образование и наука Мила Царовска им додели симболични награди.
„Сто годишнината од раѓањето на еден од најпознатите македонски дејци, одлучивме да ја одбележиме заедно со основците, со најмладите во образовниот систем, за да покажеме дека во училиштата се учи за Блаже Конески уште од рана возраст и младите знаат за кого се работи, знаат каков и колкав е неговиот придонес во развојот на македонската култура, литература, традиција, наука и воопшто неговиот придонес кон градењето на националниот идентитет“, рече Царовска.
Честитајќи им на победниците, но и на сите останати учесници на конкурсот, Царовска рече дека преку поднесените творби, учениците докажале дека имаат доволно податоци и знаења за животот на Конески, за неговите дела, а оние од погорните одделение знаат и тоа дека учествувал во стандардизирањето на македонскиот јазик и ги изработил граматиката и правописот на македонскиот литературен јазик.
„Горда сум на сегашните генерации. Тие ќе го одржуваат ликот и делото на великаните како Конески. Тие градат и ќе градат култура и традиција“, рече Царовска, потенцирајќи дека Владата се заложува за создавање на квалитетни генерации на ученици кои ќе си ја сакаат татковината и ќе даваат придонес кон развојот на сите сегменти и сфери во општеството и токму во таа насока, како што рече, ги правиме и реформите на националниот образовен систем, започнати годинава токму во основното образование.
Конкурсот предвиде натпреварување на основците во 6 различни категории. Учениците од прво до трето одделение се пријавуваа со творби на темите „Блаже Конески низ цртеж“ и „Буквите низ цртеж“, а се натпреваруваа и за најдобра фотографија. Додека, останатите ученици од четврто до деветто одделение твореа на темите „Конески бдее над татковината - јазикот“ и „Поезијата на Блаже Конески- наша ненасушна инспирација“, а се избираа најдобра поетска творба, расказ и ликовна творба/фотографија. Победниците беа симболично наградени со по две збирки на дела од Блаже Конески.