Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Томшиќ од МОН: Најдобро за учениците е училиштата да се отворени, наставниците покажаа одговорност со високиот степен на вакцинација

Томшиќ од МОН: Најдобро за учениците е училиштата да се отворени, наставниците покажаа одговорност со високиот степен на вакцинација

 

Томшиќ од МОН: Најдобро за учениците е училиштата да се отворени, наставниците покажаа одговорност со високиот степен на вакцинација

 

Наставата во училиште е во најдобар интерес на децата и затоа оваа година, од септември таа се одвива со физичко присуство на учениците, согласно здравствени протоколи. За да го заштитат здравјето на децата, и своето здравје, наставниците покажаа висока одговорност и затоа процентот на вакцинирани е двојно повисок од просекот на ниво на држава, рече Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука, во гостувањето во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

„Од почетокот на школската година, бројот на позитивни ученици во училиште на дневно ниво се движи од 0,01 до 0,03%, што укажува дека училиштата треба да останат отворени, а во интерес на учениците и нивното образование. Но, Министерството за образование и наука е подготвено брзо да премине на другите два модели согласно Планот за настава и изменетата епидемиолошка состојба, односно да го промени моделот на учење на далечина или на комбинирана настава, доколку за тоа се укаже потреба“, појасни Томшиќ, додавајќи дека тоа може да се однесува на целата држава, но и на само одредени региони, согласно проценката на здравствените власти и одлука на Владата.

На прашањето што ќе биде со невакцинираните наставници по предлогот на Комисијата за заразни болести дека вработените во јавниот сектор треба да бидат вакцинирани најмалку со една доза, да имаат негативен ПЦР тест, потврда за прележан ковид или потврда дека не смеат да примат вакцина, Томшиќ рече дека се што ќе важи за јавниот сектор, ќе важи и за вработените во образованието.

„Никој не се присилува на вакцинација. Во моментов има само препораки на Комисијата за заразни болести за кои Владата ќе донесе Одлука. Околу 75% од наставниците се вакцинирани,  дел од другите го прележале вирусот, а за преостанатите препораката е да се вакцинираат во интерес на и на нивното и на здравјето на учениците. Единствен начин да се заштитиме од вирусот е вакцинацијата, тоа го вели науката и ние не можеме да одиме спротивно“, рече Томшиќ.

Тој појасни дека во европските земји, вакцинирањето веќе се вклучува и во рамките на законите за заштита при работа.

Запрашан за барањата со кои се предлага секој наставник да одбере како ќе ја организира наставата, Томшиќ истакна дека потребни се системски решенија, дека во системот на образование има околу 40.000 наставници и доколку секој одлучува самостојно како ќе ја организира наставата, тоа ќе биде тешко за координација и за следење на процесот на образованието на учениците. Сите овие барања потребно е да се достават до здравствените власти и Комисијата за заразни болести и врз основа на аргументирани тврдења од експертите да се носат ваквите одлуки.

Министерството за образование и наука продолжува будно да ја следи состојбата во однос на ковид пандемијата и соработува со здравствените власти, со апел училиштата што подолго да бидат отворени се во интерес на образовниот процес и најдобриот интерес на учениците.

[ четврток, 18 ноември 2021 ] [ 0 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar