Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска на средба со Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност: Градиме систем со кој обезбедуваме континуитет во развојот на високото образование и науката

Царовска на средба со Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност: Градиме систем со кој обезбедуваме континуитет во развојот на високото образование и науката

 

Актуелности поврзани за високото образование на државните универзитети во Република Северна Македонија во функција на образовниот процес во услови на пандемија, практицирање на автономијата, финансиско процесирање и студентски предизвици”, беа темите на јавната расправа на која учествуваше министерката за образование и наука Мила Царовска,  организирана од Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност. На средбата освен претседателот на Советот проф. д-р Тодор Серафимовски, присуствуваа и ректорите на сите државни Универзитети во Република Северна Македонија.

„Навистина ми е драго што со ректорите и со членовите на Советот, имаме можност да дебатираме за важни прашања од сферата на високото образование, кое сите ние заеднички се стремиме да го направиме што поквалитетно, подобро и поатрактивно за домашните, но и за странските студенти.  Убедена сум дека заклучоците од оваа дебата, кои се од огромно значење, ќе бидат директно применети во унапредувањето на државните универзитети во нашата држава. Висоокобразовните и научни установи и институти навистина располагаат со квалитетен и посветен кадар. Доказ за тоа се и универзитетските професори кои беа вклучени и во подготвувањето на реформските процеси во основното образование. Тоа покажува дека нашите високо образовни установи се подготвени за носење со предизвиците кои ни ги наметнуваат брзите промени на светско ниво и инстантно прилагодување на нив“, рече Царовска.

Министерката посочи дека пандемијата како во светот така и кај нас, ни наметна нови предизвици кои бараат поинаков пристап и организација на работата, но дури и во овие услови, продолжуваме со позитивните промени кои водат кон унапредување на сите нивоа на образованието, вклучувајќи го и високото образование.

„Токму во таа насока се и сите политики и мерки на МОН за високото образование и научно истражувачката дејност. После цела деценија ја вративме поддршката за развој на научните и високообразовните установи, како и повик за финансирање на реализацијата на научно-истражувачки проекти на јавните научни установи со што на располагање се 17,3 милиони денари’’, рече Царовска.

Дополнително, МОН ја промени и политиката за стипендирање со цел да се создаде кадар кој ќе се занимава со наука и истражување. За првпат се воведени и стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а по цела една деценија вратени се и стипендиите за постдипломски студии во државата во висина од по 9.000 денари месечно, за девет месеци во годината. Исто така, за околу 80 % се зголемени поголемиот дел од стипендиите за прв циклус од додипломски студии, а воведен е и субвенциониран студентски оброк за сите редовни студенти на државните и приватните факултети во државата.  

Министерката истакна дека во фаза на подготовка е и нов Закон за научно истражувачка дејност, од страна на работна група со претставници на сите универзитети и научни институти. 

„Се заложуваме да изградиме систем кој ќе обезбеди континуитет во вложувањето во науката. Процентот од БДП што се двои за наука мора да се зголеми и приближи до европскиот просек“, рече Царовска.

Ректорите ја поздравија иницијативата за одржувањето на оваа дебата и посочија дека овие средби треба да станат редовна пракса, бидејќи тоа е најдобриот начин за размена на мислењата и создавање на стратегија за понатамошните чекори.

Националниот совет за високото образование и научно-истражувачката дејност се формираше заради обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научно-истражувачката дејност и е самостоен во својата работа и одлучува во рамките на својата надлежност врз основа на принципот на стручност и компетентност. Советот е составен од 15 члена кои ги избира Собранието на Република Северна Македонија, меѓу кои се професори од сите научни области, студент и член од Стопанската комора и претставник од МАНУ.

[ четврток, 04 ноември 2021 ] [ 0 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar