Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска: Со унапредување на системот на евалуација до поквалитетно високо образование

Царовска: Со унапредување на системот на евалуација до поквалитетно високо образование

 

Министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска им посака успешна работа на членовите на Одборот за евалуација на високото образование, кои посетуваат обука организирана и поддржана од Фондацијата Фридрих Еберт - Скопје.

Овој одбор, кој функционира од почетокот на годината, за првпат е формиран во Република Северна Македонија, врз основа на Законот за високо образование и Стандардите и насоките за обезбедување на квалитет во европскиот простор на високо образование, а неговата цел е да го унапреди квалитетот на високото образование во нашата држава.

„Верувам дека преку оваа соодветна обука ќе ги стекнете потребните знаења и компетенции кои ќе помогнат во градење на капацитетите за евалуација и самоевалуација, клучни компоненти на процесот на обезбедување на квалитет во високото образование. Исто така, убедена сум дека, стекнатото знаење и искуства, ќе се применат на најдобар начин за следење и оценување на квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката и стручната работа на академскиот кадар на високообразовните установи, и посебно на нивните студиски програми. Сето ова го правиме, со цел да обезбедиме квалитетни високообразовни установи, кои ќе имаат атрактивна понуда на студиски програми не само за домашните, туку и за странските студенти и верувам дека со заеднички труд и посветеност ќе ќе ги оствариме овие цели’’, рече Царовска.

Одборот за евалуација има законска обврска да подготви Предлог-Правилник за стандардите и постапката за надворешна евалуација и самоевалуација. Имено, стандардите и постапката според кои се врши надворешната евалуација и самоевалуација мора да бидат усогласени со прифатените стандарди и постапки кои се применуваат од Европското здружение за обезбедување на квалитет во високото образование. За таа цел, цениме дека обуката низ призма на компаративните искуства ќе биде од голема полза за членовите на Одборот.

[ четврток, 28 октомври 2021 ] [ 0 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar