Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска: дуалното образование е интересен концепт за младите, обезбедува повеќе практична обука наместо изучување теорија

Царовска: дуалното образование е интересен концепт за младите, обезбедува повеќе практична обука наместо изучување теорија

 

Царовска: дуалното образование е интересен концепт за младите, обезбедува повеќе практична обука наместо изучување теорија

 

Во поголем дел од струките кои ги нудат средните училишта „Димитар Влахов“ и „Никола Карев“ во Струмица за прв пат се воведува концептот на дуално образование кој сам по себе е доста интересен за младите, бидејќи обезбедува повеќе практична обука наместо изучување теорија и кој ние го поддржуваме со доделување на стипендии од 3500 денари месечно за секој ученик.

 

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска која денес беше во посета на двете стручни училишта во оваа општина за време на отворените средби со идните средношколци на кои тие се запознаваа со придобивките и можностите кои ги нуди средното стручно образование, а во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“. 

 

„Тука едукацијата не е чисто формална. Учениците навистина го добиваат потребното знаење и подготвени влегуваат во работните и организациски структури на компаниите кои немаат дополнителни трошоци за нивна обука“, рече Царовска информирајќи дека согласно конкурсот за упис во средно образование во учебната 2021-2022 година, во двете струмички средни стручни школи предвидени се вкупно 898 слободни места во 10 струки: земјоделско – ветеринарна, хемиско – технолошка, здравствена струка, угостителско – туристичка, машинска, текстилно кожарска, електротехничка, сообраќајна, градежно – геодетска и шумарско – дрвопреработувачка струка.

 

„Изразувам благодарност до компаниите кои се вклучија во проширувањето и реализацијата на концептот на дуално образование, со што покажаа не само интерес за остварување на корпоративните цели, туку покажуваат и општествена одговорност и посветеност кон тоа да се остварат заложбите на државата за намалување на младинската невработеност“, рече Царовска. 

 

Министерката нагласи дека унапредувањето на квалитетот на средното стручно образование и подигнување на неговата атрактивност меѓу младите е дел од  поширока стратегија за забрзување на севкупниот економски напредок на државата.

 

„Од една страна, благодарение на исправните политики за привлекување на странски директни инвестиции и за поддршка на домашните компании постојано се отвораат нови работни места кои најчесто се за лица со стручна подготовка, а од друга страна мораме да продуцираме доволно кадар за да ги пополниме тие работни места. И како што гледате, интензивно работиме на тоа“, рече Царовска, нагласувајќи дека изборот на стручно образование нуди перспектива и затоа младите треба добро да размислат пред да донесат одлука каде ќе се запишат во средно училиште.

 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar