Почитувајќи ги принципите на транспарентност во работењето и отвореност кон јавноста за сите дилеми поврзани со реформите на основното образование кои ќе стартуваат со новата учебна година, Министерството за образование и наука јавно и транспарентно одговара на барањата кои групата „Учебници и настава мора да има“ ги достави минатата недела како услови за повлекување од намерата за поттикнување на учениците да ја бојкотираат наставата.
По однос на обвинувањата за избрзани промени, би сакале да информираме дека планот за промените поврзани со наставата во основните училишта, односно изработката на новата Концепција за основно образование, изработката на нови наставни програми и нов Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали е предвиден сопрограмата за работа на Владата на Република Северна Македонија и во претходниот мандат и во сегашниот, како и со Стратегијата за образование 2018-2025, а базиран е на резултатите од конкретнианализи за квалитетот на националниотобразовен систем изработени од кредибилнимеѓународни институции како ОЕЦД и УНИЦЕФ.
Мотив за промените се и долгогодишните слаби постигнувања на нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС, но и барањата на наставниците, на многу генерации на ученици и нивните родители/старатели кои укажуваа на слабостите на националниот образовен систем, вклучително и на недоследности, нелогичности и дискриминаторски содржини во учебниците, а на сето тоа се одговараше со парцијални реформи кои не го дадоа очекуваниот ефект.
Иако, сите компоненти на планот за реформи се донесени на транспарентен начин, преку јавна дебата и со учество на сите засегнати страни и експертската фела, сосема очекувано за дел од промените повторно се појавуваат дилеми во јавноста, особено за процесот на дигитализација на материјалите за учење.
Повторно ќе појасниме дека новиот закон за учебници дефинира дека за учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат учебници во печатена верзија, имајќи предвид дека тоа е периодот во кој се гради однос кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија како прва опција ќе бидат понудени дигиталните учебници кои имаат многу повеќе мултимедијални содржини и анимации и секако повеќе го привлекуваат вниманието и интересот на учениците, а материјата полесно се совладува.
Важно е да се напомене дека дигитализацијата на материјалите за учење се воведува етапно. Започнува со четврто одделение во учебната 2021/2022 година, а секоја наредна ќе се опфаќа ново повисоко одделение и ќе се заокружи во следните 5 до 6 години.
Притоа, наместо само еден учебник по секој предмет, предвидено е да можат да се користат најмногу до три учебници, а за изборот одлучуваат наставниците на ниво на колектив во секое училиште, со што се задоволува барањето на наставничкиот кадар за обезбедување на отворени образовни ресурси и поголема автономија при одбирање на извори на информации.
Законското решение предвидува за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. Како поддршка на училиштата, заедно со Светска банка ќе реализираме активност за нивно опремување со таканаречен библиотечен фонд на електронски уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, за да можат истите да ги користат дигиталните учебници. Училиштата ќе бидат должни исто така да обезбедат и техничка поддршка(одржување) за сите ученици на кои им следува електронски уред.
Идејата на промените не е дигиталните учебници да се користат интензивно за време на наставата, затоа што тие се само дополнително помагало за совладување на наставната материја, а примарно средство е интеракцијата наставник – ученик. На часовите ќе се применува ИТ технологија само кога одредена тема од наставната програма го наложува тоа.
Во секој случај, ниту едно дете нема да биде исклучено од примената на учебници. Тоа нема да го дозволиме, исто како што и во услови на пандемија не дозволивме ниеден ученик да не биде исклучен од наставата, односно истата да ја следи преку една од понудените форми (настава со физичко присуство, онлајн настава, достава на печатени материјали од страна на училиштето или следење на едукативни емисии на МТВ) во рамки на хибридниот модел на настава подготвен за тековната учебна година.
Дополнително, сите учебници ќе бидат достапни и во аудио формат, но и печатени на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.
Особено е важно да се истакне дека со новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали, преку поставувањето на повеќе филтри во процесот на изработка и одобрување на материјалите за учење, ќе се елиминираат грешките и нелогичноститево истите, а содржината ќе се пишува на авторски јазик, односно со стил кој е разбирлив и соодветен на возраста на учениците. Ќе добиеме учебници во кои ќе се интегрираат родово сензитивните прашања, мултикултурализмот, еднаквоста, почитувањето на човековите права, граѓанското учество и слични принципи кои смедолжни да ги негуваме како демократско општество.
За прв пат, во изработката и одобрувањето на материјалите за учење ќе учествуваат и претставници на граѓанскиот сектор кои имаат минимум 10 години искуство во областа на недискриминацијата, човекови права, родовата еднаквост и мултикултурализмот, а материјалите ќе се ревидираат секоја година, за да немаме застарени податоци и содржини кои нема да соодветствуваат на реалноста.
Законот е веќе проследен до Собранието и содржината е целосно усогласена со стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата.
Така што, земајќи ги предвид овие факти, станува збор за првиот недискриминирачки Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во Република Северна Македонија.
Барање на група: Да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден
Одговор:
Сосема погрешно е да се зборува за „спојување“ на наставни предмети без при тоа да се знае современиот пристап во педагогијата, воопшто во стратегиите, методите на работа во наставата, во училиштата.
Ниту се „спојуваат“ механички предмети ниту се прави некаква компилација или неприроден спој што е несоодветен за изучување, туку напротив, се прави интегрирање на сродни предмети, од иста или сродна научна област за да се овозможи полесно, посуштинско изучување на појавите и поврзување, добивање на целосна претстава кај учениците за она што го изучуваат. Интеграцијата и до сега беше составен дел на наставата во првиот и вториот период на основното образование, сега само продолжува и во третиот период на основното образование. Но и до сега во предметна настава им беше сугерирано на наставниците да прават меѓупредметно поврзување и така да ја планираат и реализираат наставата.
За да се потврди дека интеграцијата е основата на секој образовен систем доволно е да се погледнат искуствата од сите земји и во Европа и во Светот. Меѓународните тестирања се базираат на прашања, поточно проблемските задачи кои бараат одговори од повеќе аспекти и поврзување на знаењата од една или повеќе области, поврзување на знаењата од различни предмети во обид да се „соберат“, односно синтетизираат различни перспективи за предметот/појавата на изучување. На тој начин се овозможува учениците полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста, да ја согледаат смислата на она што го учат и да ги доживуваат наставните активности како релевантни и применливи.
За да го постигнат таквото знаење училиштето мора да на учениците да им нуди современа, интегрирана настава, смислена поврзаност меѓу предметите.
Барање на група: Да се образложи и аргументира кратењето на фондот на часови по одредени предмети и влијанието во наставниот процес за истите тие предмети
Одговор:
Доколку се поврзе „суштината“ на Концепцијата, принципите, стратегиите и методите на настава и учење со понудениот наставен план тогаш јасно е дека нема кратење на фондот на часови, ниту пак тоа е на штета на учениците. До сега се говереше дека учениците се преоптоварени, дека имаат преголем број на наставни предмети, а сега, при првиот обид на суштинска промена во интерес на учениците, да бидат растоварени од „непотребни знаења“, фактографски знаења, се поставува прашање зошто е тоа направено.
Во првиот период на основното образование, согласно возраста на учениците, наставните програми се така развиени што овозможуваат преку метод на игра, истражување и учење преку искуство, се разбира преку интеграција на целите, содржините од различните наставни предмети, учениците да ги постигнат предвидените резултати од учење.
Со интегрирањето на наставните предмети во повисоките одделенија не е намален вкупниот број на часови од научните области кои и до сега се изучуваа преку различни наставни предмети. Бројот на часовите, поврзувањето и распоредот на модулите ќе даде јасна претстава за застапеноста на секоја научна дисциплина кога ќе бидат развиени наставните програми. Донесени се наставните програми за прво и четврто одделение од кои јасно може да се види новиот квалитет.
Барање на група: Да се создадат соодветни услови за инклузија на децата со попреченост
Одговор:
Исто како и родовата еднаквост, така и инклузијата е основен принцип на новата концепција. Инклузијата, за разлика од претходно, кога не беше законски регулирана и беше оставена на „добрата волја“ на директорите и наставниците во училиштата, дали ќе прифатат одреден ученик или не, сега со новиот закон за основно образование, како и со Концепцијата, како никогаш до сега, не само што се регулира, туку и се предвидуваат и планираат сите чекори за нејзино имплемeнтирање во интерес на учениците со попреченост и сите останати ученици со посебни образовни потреби.
Тоа значи дека се донесени и сите подзаконски акти, овозможена е помош од образовни и лични асистенти за овие ученици, се овозможuва развивање на индивидуален образовен план за секој ученик со посебни потреби, модифицирани програми, како и создaвање физички услови во училиштата за овие ученици.
Она што сакаме да го истакнаме е дека за прв пат системски се воведува услугата образовна асистенција која е предуслов за обезбедување на инклузивно образование. Со тоа образовната асистенција ќе се испорачува согласно Законот за основно образование, ќе се финансира од Буџетот на РСМ, односно преку Буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиониденари.
Во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во втората половина на месец мај започнуваме со обука на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти кои ќе бидат селектирани, а ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овиеученици.
Согласно новиот Закон за основно образование, специјалнитеучилишта, односноучилиштата во кои се воспитуваат и образуваат ученици со попреченост да добијат и дополнителна дејност, да станат Ресурсни центри со што ќе се овозможи мобилност на веќе постоечкиот искусен кадар кој ќе дава поддршка на инклузираните ученици како и на инклузивните тимови во редовните училишта.
Од оваа година исто така, обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН.
Дополнително на ова во насока на унапредување на процесот на инклузија, во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 14 образовни институции низ државата – 6 основниучилишта, 4 средни и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – EU for inclusion за кој е подготвена техничкатадокументација (проекти за адаптација) и очекуваме градежните активности да започнат во јуни/јули 2021.
Во рамки на ИПА проектот „Биди ИН, бидиИНклузивен, бидиИНклудиран“, доделени се и 320 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование и тоа за прво и второодделение, а во тек е новиот оглас за доделување на дополнителни 150 стипендии за наредната учебна година.
Барање на група: Да се исклучи сеопфатно родово сензитивно образование во основното образование
Одговор:
Образованието има клучна улога во создавањето можности за трансформација на штетните родови норми и обрасци на однесување. На тој начин придонесува за намалување на распространетите родови стереотипи и на нив заснованата родова нееднаквост, дискриминација и насилство, а истовремено, им овозможува на децата раст и развој во согласност со нивните интереси.
За да овозможи родова рамноправност, образованието поттикнува вклучување на родовата перспектива во обуката на наставниците, реализира настава низ содржини во кои нема експлицитни родови стереотипи, користи пристап кој е родово сензитивен и повикува на критички однос кон родовата нееднаквост. Наставните содржини се избрани така што водат грижа и на девојчињата и на момчињата да им понудат позитивни модели за идентификација кои не се ограничени од традиционалните родови улоги.
Содржините кои ја промовираат родовата рамноправност сугерираат дека полот/родот не смее да биде основа за различно вреднување и моќ, истовремено придонесувајќи кон тоа да се разберат негативните последици од крутото придржување кон родовите норми, очекувања и улоги. Ваквите содржини се застапени во наставните програми на сите предмети каде што тоа е можно, а во учебниците и наставните материјали за овие предмети, овие пораки, освен што се пренесуваат преку самите текстови, се поддржуваат и преку визуелниот материјал и преку различните вежби наменети за критичко преобмислување на поимите.
Од исклучително значење за обезбедување родово сензитивно образование е тоа што меѓу понудените изборни предмети има такви кои барем делумно се посветени на стекнување сознанија за тоа дека родовите норми и улоги не се фиксни, како и тоа дека родовите стереотипи можат да доведат до сериозни индивидуални и општествени последици меѓу кои најпроблематична е високата застапеност на родово заснованото насилство. Се очекува ваквите предмети, преку посочените содржини, да овозможат градење на негативен став кон сите видови родова дискриминација.
Важна компонента во промовирањето на родовата рамноправност преку образованието е стимулирање на учеството на учениците во наставните и воннаставните активности независно од полот/родот, односно стереотипните очекувања поврзани со полот/родот.
Професионалната ориентација и советување во училиштето, исто така, може да придонесе за надминување на традиционалното гледање на професиите како „машки“ и „женски“ и да ги охрабри девојчињата и момчињата при изборот на професијата да се раководат од своите желби, способности и интереси.
Барање на група: Етика на религиите да остане изборен предмет
Одговор:
Во ниту еден момент не се зборува за „укинување„ или „додавање“ конкретни наставни предмети во делот на изборните предмети. Напротив, се отвара можност за креирање листи на изборни предмети според интересот на учениците, како и според креативноста на наставниците, да создадат и понудат интересни наставни предмети за учениците. Единствено што се менува е присилното и тенденциозно наметнување на одредени наставни предмети на учениците само за да се пополни фондот на часови на определен наставник или поедноставно, без многу напор училиштето да организира настава, макар таа и да не е интересна и корисна за учениците.
Барање на група: Да се креираат протоколи за одржување настава со физичко присуство во услови на пандемија
Одговор:
МОН како надлежна институција се залага за настава со физичко присуство на учениците, за таа цел веќе ги има подготвено сите Протоколи кои ја регулираат наставата со физичко присуство, но сепак оваа одлука зависи и од епидемиолошката состојба во државата, препораките на здравствените власти и степенот на имунизација и создавањето на колективниот имунитет на населението. Наставниците и воспитниот кадар се една од приоритетните групи во започнатиот процес на масовна имунизација.
МОН останува отворена институција и ќе продолжиме да ги разјаснуваме дилемите по однос на сите промени кои имаат намера да го унапредат квалитетот на образованието.