Министерство за образование и наука на Република Северна Македонија

  / Вести и настани / МОН: Реформите се нужни и требало да се направат уште пред една деценија

МОН: Реформите се нужни и требало да се направат уште пред една деценија

 

МОН: Реформите се нужни и требало да се направат уште пред една деценија

 

 

Реформите во основното образование требало да се направат уште пред една деценија и со носењето на новата концепција не се брза, туку напротив веќе доцниме.

 

За првпат во последната деценија во нашата држава во делот на образованието се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни и ќе се најде баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на децата. 

 

Со предложената концепција за секое дете во државата ќе бидат достапни позитивни и современи модели на учење кои во моментот може да си ги дозволат само дел од граѓаните, а наставниците ќе добијат слобода во организирањето на наставата.

 

Затоа Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование заедно со работната група професори и експерти создадоа темелна рамка за новиот образовен модел со која ќе ги отстраниме клучните недостатоци на нашиот образовен систем како што се политизацијата на училиштата, содржините на учебниците кои не се соодветни на времето во кое живееме и на потребите на децата, како и слабата мотивација на наставниците.

 

Потсетуваме дека реформата не ја правиме од денеска за утре, тука таа е резултат на широка консултација и на долгогодишни меѓународни и домашни анализи, но и ставови на наставници, родители и ученици.

 

Министерството за образование и наука ги продолжува дебатите и консултациите за Нацрт-концепцијата. Во дебатата за концепцијата од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и регионалните претставништва на СОНК, експерти, професори и други засегнати страни и меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, британска и швајцарска амбасада, делегација на ЕУ. Сите изразија поддршка затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование. 

 

Концепцијата е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование донесен пред околу една година и е дел од владината програма.

[ четврток, 14 јануари 2021 ] [ 0 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar