Врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/00, 44/02, 82/08, 167/10 и 51/11 и Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19 и 110/19), член 54 став 10 од Законот за ученичкиот стандард (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14, 146/15, 30/16, 64/18, 20/19 и 248/20), Одлука за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2020/2021 година (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 195/20, 253/20 и 287/20) и Решението за распишување на Повторен конкурс за доделување на 20 (дваесет) стипендии за талентирани ученици-спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2020/2021 година бр.19-15340/1 од 30.12.2020 година, министерот за образование и наука донесе
ПОВТОРЕН КОНКУРС
за доделување 20 (дваесет) стипендии за талентирани ученици - спортисти од јавните и приватните средни училишта
во Република Северна Македонија за учебната 2020/2021 година
Министерството за образование и наука за учебната 2020/2021 година ќе додели 20 (дваесет) стипендии за талентирани ученици-спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија.
I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА
Право на стипендија имаат кандидатите кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија, а ги исполнуваат следните услови:
1. да се редовни ученици од I година, кои во текот на претходните две учебни освоиле најмалку две награди за освоено I или II место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на спортот организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт;
2. да се редовни ученици од II, III и IV година, кои во текот на претходната учебна година освоиле награда за освоено I или II место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на спортот организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт;
3. да имаат постигнат најмалку просечен многу добар успех во досегашното образование;
4. да не повторувале година во текот на образованието;
5. да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;
6. да се државјани на Република Северна Македонија.
Критериуми за доделување на стипендиите се остварен успех во текот на школувањето и освоена награда-и/диплома-и на државни или меѓународни натпревари.
За критериумот освоена награда/диплома на државни или меѓународни натпревари и тоа за освоено I (прво) и II (второ) место на меѓународен или државен натпревар од областа на спортот, бодовите се утврдуваат во зависност од видот на освоената награда и тоа: I (прво) освоено место на меѓународен натпревар се вреднува со 5 бодови, а на државен натпревар со 4 бодови, II (второ) освоено место на меѓународен натпревар се вреднува со 4 бодови, а на државен натпревар со 3 бодови, додека типот на освоената награда се вреднува со 2 бодови за поединечно освоена награда и 1 бод за екипно освоена награда.
По основ на исполнетост на критериумот освоена награда/диплома на државни или меѓународни натпревари во текот на претходните две учебни години, бодовите за учениците од I година се пресметуваат според следната формула: (тип на награда + вид на награда) за секоја освоена награда.
По основ на исполнетост на критериумот освоена награда/диплома во текот на претходната учебна година на државни или меѓународни натпревари, бодовите за учениците од II, III и IV година се пресметуваат според следната формула:
Бодови од освоени награди во VIII и IX година од основното образование + бодови за освоена награда во претходна учебна година во средно училиште односно (тип на награда + вид на награда) за секоја освоена награда.
За награди освоени на државен натпревар од областа на спортот ќе се признаваат само награди освоени на натпревари организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт, а не од спортски клубови, здруженија и сл.
II. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Учениците кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://konkursi.mon.gov.mk а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во Министерството за образование и наука, (ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, Скопје), од 30.12.2020 до 11.01.2020 година, од 09-15 часот. Потребните документи за доставување се следните:
- Евидентен лист;
- Потврда дека е редовен ученик во учебната 2020/2021 година;
3. Заверени на нотар фотокопии од свидетелствата за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение);
4. Заверени на нотар фотокопии од дипломи за освоени награди на државни и/или меѓународни натпревари;
5. Изјава потпишана од родител-старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија;
7. Изјава за користење на лични податоци потпишана со цело име и презиме од родител-старател
Министерството за образование и наука по службен пат, согласно Правилникот за образецот на барањето за сместување во ученички дом и образецот на барањето за доделување стипендија, со потребната документација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.189/16 и 41/17)), ќе го обезбеди следниот документ:
-уверение за државјанство на Република Северна Македонија од Министерството за внатрешни работи.
Наградите-дипломите каде што нема прецизно утврдено освоено место, односно награди-дипломи и пофалници за учество на натпревари без освоено место, наградите-дипломите кои не се освоени во претходните две учебни години за учениците од I година, или во претходната учебна година кај учениците од II, III и IV година нема да се земат во предвид.
Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е некомплетна и ненавремено доставена.
Списокот со избраните кандидати ќе бидe објавен на 25.01.2020 година на интернет страницата на Министерството.
Се задолжуваат сите добитници на стипендии по објавувањето на списокот, а најдоцна до 05.02.2020 година да го потпишат договорот за стипендија со Министерството за образование и наука. Сите кандидати кои нема да го почитуваат овој рок ќе се смета дека се откажуваат од стипендијата.
IV. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА
Висината на стипендијата ќе изнесува 2.970,00 денари месечно за девет месеци во текот на учебната година.