Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Со меѓународна научна конференција, Институтот за безбедност, одбрана и мир при УКИМ одбележа 50 години постоење

Со меѓународна научна конференција, Институтот за безбедност, одбрана и мир при УКИМ одбележа 50 години постоење

 

Со меѓународна научна конференција, Институтот за безбедност, одбрана и мир при УКИМ одбележа 50 години постоење

 

 

Со меѓународна научна конференција „Стратегии за безбедност и одбрана: критичен фактор за одржлив мир и национален развој“, Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје денес го одбележа своето 50 годишно постоење. На конференцијата се обрати министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска која посочи дека често кога се зборува за безбедноста и одбраната, фокусот е ставен на институциите и нивните капацитети, на воената и цивилната подготовка, но дека тоа што гради мир и стабилност е всушност знаењето, образованието и науката.

 

„Образованието е таа прва линија на "одбрана". Тоа ги гради човековите капацитети, ја развива свеста за ризиците и ја стимулира креативноста за пронаоѓање решенија. Во училиштата и универзитетите се формираат идните лидери кои ќе носат одговорни одлуки, стратези кои ќе умеат да ги балансираат интересите на националната безбедност и човековите права, истражувачи кои ќе креираат системи и технологии за превенција и за управување со кризи. Од друга страна, науката е нејзиниот партнер. Таа нуди алатки за анализи и предвидувања“, рече Јаневска.

 

Министерката нагласи дека денес безбедносните закани се многу поширока категорија во однос на минатото, имајќи предвид дека често сме соочени со сајбер напади, дезинформации, климатски промени, здравствени кризи, непредвидени ризици кои можат да загрозат човечки животи и секоја од овие закани бара научен одговор.

 

„Во овој контекст, образованието и науката се наши најмоќни алатки. Како Министерство за образование и наука свесни сме дека одржливиот мир и националниот развој не се можни без вложување во знаењето, во истражувањето, во стручниот и научниот кадар кој ќе умее да ги препознае, предвиди и управува со ризиците од иднината. Оттука и поддршката за Институтот за безбедност, одбрана и мир, кој претставува значаен носител на научноистражувачката дејност во оваа сфера и место каде се спојуваат академската мудрост и практичната потреба“, додаде Јаневска.

 

Честитајќи го јубилејот – 50 години постоење, рече дека посветеноста на Институтот во  развојот на националните капацитети за анализа, стратешко планирање и меѓународна соработка е од огромна вредност не само за академската заедница, туку и за институциите на системот и за поширокото општество.

 

На конференцијата се обратија и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, деканот на Филозофски факултет, проф. д-р Оливер Бакрески, раководителката на Институтот за безбедност, одбрана и мир, проф. д-р Тања Милошевска и претседателка на Комората за приватно обезбедување, Верица Милевска Стефановска.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar