Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / ОКТА доделува стипендии за постдипломски студии на УКИМ и во странство

ОКТА доделува стипендии за постдипломски студии на УКИМ и во странство

 

ОКТА АД – Скопје, и оваа година продолжува со поддршка на талентираните студенти преку доделување стипендии за постдипломски студии за академската 2025/2026 година.

Во рамките на заедничката платформа на Групацијата HELLENiQ ENERGY, на која што компанијата и припаѓа, ќе бидат доделени две стипендии за редовни постдипломски студии со максимално времетраење од две години. Меѓународната стипендија нуди можност за аплицирање на универзитети во една од следните земји: Грција, Германија, Италија, Белгија, Швајцарија, Норвешка, Холандија, Данска и Англија. Втората стипендија, која се однесува на студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, опфаќа повеќе насоки на Градежниот, Машинскиот, Факултетот за електротехника и информациски технологии или на Технолошко-металуршкиот факултет.

Право на аплицирање имаат дипломирани студенти или студенти во последна година на прв циклус студии, на возраст до 30 години (или до 32 со релевантно професионално искуство), со просек 8/10 и со упис или писмо за прифаќање на постдипломска програма од Универзитетите од странство.

За условите на конкурсот и за начинот на аплицирање заинтересираните можат да добијат повеќе информации на https://scholarships.helleniqenergy.gr/rnm. Крајниот рок за пријавување е 31 мај 2025 година.

Стипендиите се доделуваат во рамки на долгорочната заложба на ОКТА за поддршка на образованието, што пак е еден од главните столбови на стратегијата на компанијата за општествена одговорност. Како дел од оваа иницијатива, и во соработка со УКИМ, ОКТА досега има доделено 42 стипендии за втор циклус на студии, а повеќе од 100 студенти имале можност за практична работа во компанијата.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar