Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Конкурс за доделување стипендии за академски студии од прв циклус во странство за академската 2025/2026 година

Конкурс за доделување стипендии за академски студии од прв циклус во странство за академската 2025/2026 година

 

Врз основа на член 49 став 2 од Законот за студентскиот стандард („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/13, 120/13, 41/14, 146/15, 30/16, 178/16, 64/18 и 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 124/19, 248/20, 302/20 и 235/24), и Правилникот за видот на студентските стипендии и начинот на доделување на студентските стипендии на студенти кои студираат во странство (“Службен весник на Република Македонија” бр. 220/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр.48/21), Министерството за образование и наука распишува

К  О  Н  К  У  Р  С

ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ ЗА АКАДЕМСКИ СТУДИИ ОД ПРВ ЦИКЛУС ВО СТРАНСТВО ЗА АКАДЕМСКАТА 2025/2026 ГОДИНА

 

               Министерството за образование и наука за академската 2025/2026 година ќе додели стипендии за додипломски студии од прв циклус во прва година на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно стипендии за додипломски студии од прв циклус во прва година од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката на еден од првите сто рангирани универзитети, согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет.

 

 I.УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА:

 

               Право на стипендија има кандидатот кој ги исполнува следните услови:

1.       Да  има завршено соодветно средно образование, при тоа до денот на пријавувањето да остварил успех во средно образование од просечна оцена 4,50 од сите предмети во текот на средното образование, а доколку учи средно образование во странство, да остварил еквивалентен просечен успех од просечна оцена 4,50 од сите предмети во текот на средното образование;

2.      Да е примен на додипломски студии од прв циклус* за прв пат во прва година во академската 2025/2026 година на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата и генетиката, согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет;

3.      Да  има доказ за активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата,

4.      Да не е корисник на стипендија од друг давател,

5.      Да е државјанин на Република  Северна Македонија.

6.      Да не му била доделена претходно стипендија од Министерството за образование и наука за студии во странство, независно дали истата ја искористил, делумно ја искористил или не ја искористил.

 

 

II. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ:

·        Пријава

·        Свидетелства за завршени I, II, III и IV година од средно образование, и/или потврда за запишана IV година, а дипломата за завршено средно образование и постигнатиот успех дополнително да се достави при потпишување на договор (заверени на нотар),

·        Доколку кандидатот за доделување на стипендија средното образование го има завршено во странство да се достави доказ за извршена нострификација од страна на Министерството за образование и наука,

·        Потврда од високообразовната установа дека кандидатот е безусловно примен првпат во прва година на додипломски студии од прв циклус во академската 2025/2026 година: од кога започнува семестарот и колку семестри траат студиите и висината (цената) на уписнината,

·        Уверение-потврда за активно познавање на јазик (TOEFL, IELTS, DELFT или нивен еквивалент за соодветното јазично подрачје), освен за кандидатите кои дел од своето средно образование го завршиле на јазикот на кој се изведува наставата,

·        Своерачно потпишана изјава, под морална и кривична одговорност, дека кандидатот не е корисник на стипендија за додипломски студии од прв циклус од други даватели (заверена на нотар),

·        Мотивациско писмо;

·        Меница во форма на нотарски акт како средство за обезбедување на исплатените средства;

·        Уверение за државјанство на Република Северна Македонија

               Документите кои се издаваат од институции од другите земји потребно е да бидат преведени на македонски јазик од соодветен овластен судски преведувач.

Потребните документи за доделување на стипендиите за додипломските студии од прв циклус може да се доставуваат во оригинал или копии заверени на нотар.

               Уверението за државјанство на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука по службена должност го обезбедува од надлежниот јавен орган, согласно член 49, став 7 од Законот за студентскиот стандард.

 

III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА:

               На корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 УСА долари годишно, исплатени во соодветна валута, според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на плаќањето, еден авионски билет на почетокот на студиите, еден авионски билет по завршување на студиите или еден повратен авионски билет, а месечната стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за академската 2025/2026 година на прв циклус на студии (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од надлежните органи на Организацијата на Обединетите Нации).
              Секој износ над горенаведената сума за уписнина е на товар на студентот.

IV. ОБВРСКИ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ

               1.    Избраниот кандидат со договор се обврзува дека доколку ја добие стипендијата, за секоја година помината на студии во странство ќе работи две години во Република Северна Македонија. Оттаму, по завршувањето на студиите и враќањето во Република Северна Македонија  кандидатот е должен да се пријави во Министерството за образовани и наука и треба да се регистрира на Дигиталниот регистар на стипендисти на Министерството за образование и наука (https://e-registar.mon.gov.mk/), кој Министерството го споделува со стопанските комори, високообразовните установи, државните органи и сл.. Доколку во периодот од шест месеци на кандидатот не му е понудено соодветно вработување од работодавачите со кои бил споделен Дигиталниот регистар, не му престанува обврската за да работи во Република Северна Македонија за секоја година помината на студии во странство.


               2.   Кандидатот ќе бидат ослободен од обврската да работи во Република Северна Македонија по завршувањето на студиите доколку во рок од три месеци од дипломирањето се вработи во компанија од Fortune top 500 листата во странство. Во ваквите случаи тој може да остане во странство максимум три години со цел стекнување на меѓународно корпоративно искуство, по што почнува да му тече обврската да работи во Република Северна Македонија и да ја одработи обврската специфицирана во точка 1 погоре.

 

               3.  Кандидатот може да биде ослободен од обврската да работи во Република Северна Македонија по завршувањето на студиите доколку веднаш по завршувањето на студиите го продолжи своето образование на студии од втор и/или трет циклус во странство, за што уредно ќе го извести Министерството и ќе достави соодветни докази за истото.  Во ваквите случаи, обврската специфицирана во точка 1 погоре може да се пролонгира за онолку години колку што траат студиите од втор односно трет циклус, по што студентот е обврзан да ја одработи обврската.


               4.   Во случај кандидатот да одлучи по завршувањето на студиите, да не се врати во Република Северна Македонија
и не ја исполни обврската од точка 1, потребно е да ги врати сите исплатени средства доделени за стипендија во износот на стипендијата (вкупно исплатените средства по основ на уписнини, месечни трошоци и авио билети), најдоцна во рок од две години од завршувањето на студиите.

 

 

V. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ 

 

               Рокот за пријавување на кандидатите за користење на академски стипендии за студии од прв циклус во странство е најдоцна до 12.09.2025 година.

               Кандидатите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на https://e-uslugi.mon.gov.mk/ а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во Министерството за образование и наука, (ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, Скопје).             

Некомплетните документи и документите доставени по крајниот рок нема да се разгледуваат.

               Информации за условите и критериумите под кои ќе се доделуваат стипендиите можат да се добијат во Министерството за образование и наука.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar