Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Јаневска: Оптимизацијата на училишната мрежа води до поквалитетна настава и заштеда на средства кои ќе се вратат во образованието

Јаневска: Оптимизацијата на училишната мрежа води до поквалитетна настава и заштеда на средства кои ќе се вратат во образованието

 

Јаневска: Оптимизацијата на училишната мрежа води до поквалитетна настава и заштеда на средства кои ќе се вратат во образованието

 

 

Претставници на 23 општини, директори на училишта, родители и други чинители вклучени во процесот на оптимизација на мрежата на основни училишта, денеска во Гостивар, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска и претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер разговараа за натамошните активности, зошто е значајна оптимизацијата и кои услови се неопходни за воведување едносменска и целодневна настава.

„Државата мора да создаде услови за да се подобри квалитетот на наставата и за социјализација на децата. Затоа го правиме овој тежок процес. Сигурна сум дека ќе успееме а неговото спроведување ќе вроди со плод“, рече министерката Јаневска.

Објасни дека децата кои учат во училишта во руралните средини со по 5, 15, 18 ученици, во комбинирани паралелки, треба да се придвижат кон централните училишта или кон најблиското училиште. Така најмногу добиваат децата, се социјализираат, се развива натпревар, имаат мотив повеќе да учат.

„Корист имаат децата, корист има и државата. Нема да трошиме средства на одржување на многу училишта и тие средства ќе се пренасочат кон учењето на децата. Откако ќе ја направиме оптимизацијата на мрежата ќе продолжиме со проектот едносменска и целодневна настава. Децата од прво до петто одделение ќе работат со две учителки и во училиште ќе ги завршат сите свои обврски, кога ќе одат дома ќе бида слободни. Од 6 до 9 одделение и во средно ќе одат на училиште само наутро, што е многу природно, тогаш се најефикасни и учениците и наставниците“, изјави министерката, додавајќи дека процесот бара време, анализи и не може брзо да се спроведе, но е неопходен за поквалитетно образование.

План за оптимизација на училишната мрежа веќе изработија 10 општини. Процесот продолжува кај 22 општини.

На дебата беше претставен Документот за политики за степенот на искористеност на расположивте ресурси за образование а Јаневска ги повика градоначалниците да се ангажираат и да искористат дел од средствата што се предвидени со унгарскиот заем, за вложувања во училиштата.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar