Ако искрената волја, ентузијазмот и напорите за развој на државите кои ги претставуваме, сите што сме тука присутни продолжиме да ги трансформираме во заеднички акции, тогаш целите полесно ќе ги остваруваме и ќе го направиме регионот препознатлив по забрзан раст и конкурентен во глобални размери.
Ова го изјави министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на Министерскиот состанок за образование, обука, истражување, иновации и култура на Западен Балкан, кој се одржува во Скопје.
- Верувам како репрезенти на националните влади, сите ние имаме што да споделиме и верувам во подигнување на проактивноста на регионот во заложбите за образовен, научно – истражувачки и културолошки развој на светот. Сé е во наши раце и од нас зависи, рече министерката во поздравното обраќање.
Одговарајќи на прашања на панел-дискусија, Јаневска истакна дека за земјава, нема друга алтернатива, освен постигнување на политички консензус за долгорочна образовна стратегија и интензивно вложување во квалитетно образование за граѓаните на сите нивоа.
- Како гледаме на целиот процес на градење на ефикасен и ефективен образовен систем? Универзално упатство за постапување, не постои. Но, постои едно начело кое верувам дека е секаде прифатено, а тоа е дека образовниот систем за да биде корисен, најважно е да биде во функција на задоволување на потребите на економијата, потенцираше министерката, напоменувајќи дека очекува и универзитетите да ги модернизираат студиските програми, за да не мора во потрага по интересни студии и квалитетни знаења да се оди во други земји.
Во делот на високото образование и научно-истражувачката дејност, Јаневска истакна дека земјата не отстапува ниту од вмрежувањето на нашите универзитети и научно – истражувачки установи со останатите, не само во регионот, туку и пошироко.
Во овој дел, рече таа, имаме и обврски и одговорности кои произлегуваат од Европската стратегија за универзитетите и новата европска агенда за иновации како и од Берлинскиот процес кој предвидува меѓусебна поддршка и соработка помеѓу земјите од Западен Балкан, вклучувајќи го и образованието и науката.
Одговарајќи на прашањата за дигитализацијата на образовниот систем, Јаневска истакна дека земјата активно учествува во работните групи на Европската образовна област и е насочена кон воспоставување на соработка и размена на искуства со цел успешна имплементација на Европските образовни стратегии, вклучително и имплементација на стратегиските приоритети од Акцискиот план за дигитално образование.