Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Јаневска: на први септември учебници или материјали за учење ќе има по сите предмети во основното образование, со исклучок на странските јазици

Јаневска: на први септември учебници или материјали за учење ќе има по сите предмети во основното образование, со исклучок на странските јазици

 

Јаневска: на први септември учебници или материјали за учење ќе има по сите предмети во основното образование, со исклучок на странските јазици

 

 

Освен учебниците по странски јазици кои ги нема неколку години наназад и за кои последниот тендер спроведен од претходното раководство е во жалбена постапка, учениците и наставниците во основните училишта на први септември ќе имаат учебници или материјали за учење за сите други предмети.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во утринската програма на Канал 5 ТВ, каде говореше за фокусот на Министерството за образование и наука во моментов, но и приоритетите кон кои ќе биде насочена работата во следниот период.

„Дел од учебниците се веќе дистрибуирани, а дел се печатат и според договорот со печатницата, треба на први септември да бидат во училиштата. За жал, затекнавме и предмети по кои нема учебници, иако претходната Влада ја информираше јавноста дека се обезбедени. Ги посочив странските јазици, но и предметите за јазикот и културата на заедниците за кои во најголем дел поради лошиот квалитет на предложените учебници, истите не се одобрени. Но, направивме напори и за нив да обезбедиме материјали во дигитална форма кои ќе можат учениците да ги користат“, рече Јаневска.

Таа додаде дека се работи на враќање на историјата како посебен предмет во македонското образование, затоа што, според мислењето на домашната и светската експертска јавност, историјата е национален предмет со исклучително значење. Како што рече, на часовите по историја се учат факти за случувања и личности,  но предметот побудува и патриотизам и лојалност кон сопствената држава и затоа треба да му се посвети посебно и повеќе внимание низ образовниот систем.

Информираше дека со Министерството за култура и со Бирото за развој на образованието се дискутира за можностите за поддршка на домашни анимирани серии, филмови и едукативни емисии соодветни на возраста на учениците, како и сликовници и книги за успешни личности, за географски локалитети и слично, кои би можеле да бидат дел од формалниот воспитно – образовен процес во Македонија.

Јаневска се осврна и на предучилишното образование, кое треба да премине под надлежност на Министерството за образование и наука, потенцирајќи дека Владата прави сериозни напори за да обезбеди услови за што повеќе деца да влезат во градинките и да стекнуваат знаења кои се добра подготовка пред вклучување во училишното образование.

„Потребно е време и средства за состојбите значително да се подобрат. Гледате дека се градат нови капацитети. Општините добиваат големи парични средства и очекувам дека со дел од истите ќе предвидат и изградба на нови градинки“, додаде министерката.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar