Врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/00, 44/02, 82/08, 167/10 и 51/11 и Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19 и 110/19), член 51 од Законот за студентски стандард („Службен весник на Република Македонија” бр. 15/13, 120/13, 41/14, 146/15, 30/16, 178/16, 64/18, 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 124/19,248/20 и 302/20), Одлука за доделување на стипендии на странски државјани од интерес за Република Северна Македонија бр. 41-6185/3 од 16.07.2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.151/24), Министерството за образование и наука распишува
Конкурс за доделување на студентските стипендии за странски државјани кои се од интерес за Република Северна Македонија за студиската 2024/2025 година
1. Се доделуваат 50 студентски стипендии на странски државјани кои се од интерес за Република Северна Македонија, а се со македонско потекло и живеат во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Турција, Романија, Црна Гора и Грција), согласно Одлуката на Владата на Република Северна Македонија бр. 41-6185/3 од 16.07.2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.151/24).
2. Стипендијата се доделува за додипломски студии од прв циклус колку што се предвидени со статутот на високообразовната установа во Република Северна Македонија (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Универзитет „Св. Климент Охридски“ Битола, Универзитет „Гоце Делчев“ Штип, Универзитет „Мајка Тереза“ Скопје и Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид).
3. На корисникот на стипендија целосно му се надоместуваат трошоците за студирање: уписнина, бесплатно сместување и исхрана во студентски дом, месечна стипендија, примарно здравствено осигурување, трошоци за издавање и продолжување на дозвола за привремен престој на странец заради студирање. Министерството за образование и наука определува во кој студентски дом ќе се смести кандидатот кој се стекнал со право на стипендија.
4. За подетални информации за условите и потребните документи за конкурирање, кандидатите можат да се обратат до дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во горенаведените држави. Пријавите и потребните документи се доставуваат до дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, кои се во државата во која кандидатот живее, најдоцна до 16 август 2024 година.
Пријавите кои ќе пристигнат по крајниот рок, како и некомплетните пријави, нема да бидат земени предвид.
5. Заинтересираните кандидати во прилог на пријавата треба да ги достават следните документи:
CV (кратка биографија) и мотивациско писмо со образложение зошто кандидатот сака да се образува во Република Северна Македонија, на кој факултет сака да студира и други две алтернативи за избор на друг факултет;
Извод од матичната книга на родените со впишана етничка определба како Македонец/Македонка. Доколку, од оправдани причини во изводот нема таква ознака, кандидатот е потребно да приложи друг документ со кој ќе го докаже своето етничко потекло;
Фотокопија од свидетелство за завршено четиригодишно средно образование со превод доколку образованието е завршено надвор од Република Северна Македонија. ЗАБЕЛЕШКА: се бара фотокопија со цел да не бидат спречени кандидатите да аплицираат на факултети во резидентните или други земји.
Министерството за образование и наука го задржува правото на избор на факултет од алтернативите наведени од страна на кандидатите во нивните пријави. Дополнително, треба да се има предвид дека не е овозможено право на избор на студентски дом за сместување и дека тоа е право исклучиво на Министерството за образование и наука. Исто така, кандидатите кои ќе се стекнат со стипендија потребно е лично да ги доставуваат документите за продолжување на правото за користење на стипендијата во МОН.
Трошоците за еквиваленција и нострификација на дипломите од средното образование се на товар на студентите. Потребно е барањето за еквиваленција и нострификација на документите да се поднесе најдоцна во рок од пет дена од објавувањето на конечната листа на добитниците на стипендијата до Секторот за еквиваленција и нострификација во МОН со цел навремено завршување на постапката и овозможување на следење на редовна настава. За подетални информации околу процедурата за еквиваленција и нострификација упатуваме на официјалната страна на МОН www.mon.gov.mk мени: документи, подмени: нострификација.
6. Кандидатот кој ќе се стекне со право на стипендија ја користи стипендијата врз основа на склучен договор со Министерството за образование и наука со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски помеѓу давателот и корисникот на стипендијата.
7. Кандидатите кои се стекнале со право на стипендија ќе бидат известени од дипломатско-конзуларните претставништва на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, кои се во државата во која кандидатот живее.
8. За подетално информирање во врска со факултетите и студиските програми упатуваме на интернет страниците: www.ukim.edu.mk, www.uklo.edu.mk, www.ugd.edu.mk, www.uist.edu.mk, www.unite.edu.mk, www.unt.edu.mk и www.mon.gov.mk.
Избраните кандидати кои нема да пристигнат во Република Северна Македонија подоцна од 10 дена од објавувањето на конечната листа на добитниците, ќе се смета дека се откажале од добиената стипендија.