Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Шаќири: Девојките и жените во науката имаат незаменлива улога, реформата на образованието го намалува родовиот јаз

Шаќири: Девојките и жените во науката имаат незаменлива улога, реформата на образованието го намалува родовиот јаз

 

Шаќири: Девојките и жените во науката имаат незаменлива улога, реформата на образованието го намалува родовиот јаз

 

 

Незаменлива е улогата на жените во научно-технолошката сфера а со тоа и во развојот на заедниците каде работат и живеат. Еден од клучните принципи врз кои се темели реформата на образовниот систем во Република Северна Македонија е родовата рамноправност. Немаат девојчињата помала способност за наука и истражувања споредено со момчињата. За да овозможиме раст и развој на секое дете во согласност со неговите автентични склоности и интересирања, почнуваме од основата - обуките на наставниците, потоа преку реализирањето на наставата како и училишните и вонучилишните активности, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на панел дискусијата по повод Меѓународниот ден на жените и девојките во науката 11 февруари, организирана по иницијатива на сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска.

 

Нагласувајќи дека с? почнува од интересот и желбата на ученикот, Шаќири посочи дека образованието е тоа што дава поттик за развивање на афинитетите.

 

„Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија спроведува политики кои водат кон развој на човечкиот капитал. Колку и да сме критички настроени, податоците велат дека нашата држава е лидер во Европа според бројот на жени истражувачи, како што покажува последниот извештај на УНЕСКО. Ова е во голема заслуга на системот на образование, што ние се трудиме да го издигнеме скалило погоре“, укажа министерот.

 

Воспитно-образовниот процес обрнува посебно внимание на талентираните ученици. Тие и нивните ментори добиваат континуирана поддршка, функционира системот на стипендирање и наградување,  ги јакнеме  компетенциите на наставниците за препознавање на талентираните ученици, делуваме преку модернизирање на наставните програми и јакнење на образовната инфраструктура,  а придонесува и системот на натпревари. При тоа, можностите се подеднакво отворени и за момчињата и за девојчињата.

 

Средношколците кои ќе запишат студии од прв, втор или трет циклус на домашните или на престижни странски универзитети, добиваат стипендии и финансиска поддршка од буџетот на МОН но, имаат и можност да користат стипендии за студирање и научно – истражувачки престој во други земји. Северна Македонија активно учествува во размената на студенти преку ЕРАЗМУС програмата.

 

Говорејќи за буџетската поддршка насочена кон подобрување на условите за научно-истражувачка работа, министерот Шаќири рече дека се финансираат научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес и исто така се вложува во развој на лабораториски ресурси.

 

„Во оваа пригода сакам да посочам само еден пример, дека по повеќе од 20 години, на Стоматолошкиот факултет Министерството инвестираше во опремување на две сали, што е услов за квалитетна едукација на идните доктори но и научни работници. Ние ќе продолжиме со политики, мерки и инвестиции кои водат кон подобри можности и услови за развивање и искористување на сите таленти за надминување на современите предизвици. А тоа значи и повеќе девојки и жени во науката“, наведе министерот Шаќири.

 

Во панел-дискусијата учествуваа и евроамбасадорот Дејвид Гир, амбасадорката на САД Ангела Агелер како и проректорки, професорки и научни работнички.  

 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar