Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / МОН и ОБСЕ потпишаа два меморандума за унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието

МОН и ОБСЕ потпишаа два меморандума за унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието

 

МОН и ОБСЕ потпишаа два меморандума за унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието

 

Денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири и шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килиан Вал потпишаа два меморандума за соработка кои ќе овозможат спроведувањето на проектот „Градиме нови мостови“, чија цел е развој на хармонична училишна средина и средина за живеење, подигнување на меѓусебното почитување и разбирање и создавање култура на ненасилство, да продолжи да се спроведува до 2025 година. 

„ОБСЕ е наш долгогодишен партнер во напорите за унапредување на меѓуетничката интеграција како многу важна компонента на образовниот систем и воопшто на општеството и нашата држава. Ефектите од проектот „Градиме мостови“ се рефлектираат на многу ученички генерации, нивните семејства и наставниците. Младите од различни етнички и религиски заедници, кои говорат и различни јазици, меѓусебно се поврзуваат преку бројни наставни и воннаставни активности. Заедно учат, се дружат и создаваат пријателства. Заедно ги чествуваат традицијата, верските и културните обичаи“, рече Шаќири.

Тој додаде дека младите денес сфаќаат дека  различностите не се причина за конфликт, туку мотив за зближување и за единство.

„Ако пред 20тина година сликата беше една и веројатно под влијание на повозрасните, често нетрпеливоста се пренесуваше и меѓу младите, денес состојбите се значително променети. Мисијата на ОБСЕ има значаен придонес во тоа. Сега веќе младите добро се разбираат, соработуваат и не гледаат непријателски кон различните етнички и религиски групи. Тоа само потврдува дека се менува системот на образование и пристапот кон едуцирањето на децата, се менува ставот и нивното размислување и од друга страна, се потврдува дека новите генерации се носители на промените што се случуваат и што треба да се случат“, истакна министерот.

Шаќири изрази благодарност до амбасадорот Вал, потенцирајќи дека со продолжувањето на соработката помеѓу МОН и ОБСЕ, ќе им се даде дополнителна поддршка и стимулација на младите да продолжат заедно да живеат, учат и работат во земјава и како што рече, тука да го реализираат својот потенцијал и заеднички и сплотено да го унапредуваат општеството.

„Заедничките проекти даваат можност училиштата на различни јазици да работат заедно и со тоа ја поддржуваме и подобруваме социјалната кохезија во државата. Мило ми е што нашите меморандуми за разбирање одат рака под рака со мотото на претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ „За луѓето се работи“, истакна во своето обраќање амбасадорот Вал.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar