Мисијата на Светска банка од октомври годинава оцени дека Проектот за унапредување на основното образование има високо задоволителна динамика на спроведување на активностите и исполнување на индикаторите за напредок. Овој проект е дел од четиригодишната Стратегија на Светска банка за партнерство со земјата за периодот 2019-2023 година и предвидува инвестиции од 21,5 милиони евра во основното образование, насочени кон подобрување на условите за учење и решавање на најприоритетните предизвици кои се директно или индиректно поврзани со развојот на човечкиот капитал.
Ова е дел од излагањето на министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната средба со Фадиа Саада, директор за човечки развој за Европа и Централна Азија, на која присуствуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и министерoт за здравство Беким Сали.