Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Шаќири: работиме на оптимизација на училишната мрежа и нови формули за финансирање на основното и средното образование

Шаќири: работиме на оптимизација на училишната мрежа и нови формули за финансирање на основното и средното образование

 

Шаќири: работиме на оптимизација на училишната мрежа и нови формули за финансирање на основното и средното образование

 

Оптимизација на училишната мрежа во основното образование и креирање на нови формули за финансирање на основното и средното образование се меѓу клучните компоненти на планот за реформирање на националниот образовен систем и на нив во моментов работиме заедно со Светска банка и УНИЦЕФ. Целта е подобро искористување на расположливите ресурси, постигнување на поголема ефикасност и повисок квалитет на воспитно – образовниот систем.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на денешната дебата посветена на образованието, која се одржа во владата, а покрај неколку владини министри и градоначалници, учествуваше и регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан, заедно со постојаниот претставник на оваа организација во земјава, Патриција Ди Џовани.

Шаќири истакна дека парите од државниот буџет кои се одвојуваат за образованието од година во година постојано се зголемуваат и тоа е за поздравување, затоа што, како што рече, покажуваме заложба за развој на секторот, за негово прилагодување кон глобалните промени, процеси и стандарди, но, тие средства неопходно е подобро да се алоцираат.

„Во земјава имаме 347 општински основни училишта, или ако ги додадеме и подрачните објекти, тоа се вкупно 975. Но, во најголем дел од нив имаме опаѓање на бројот на ученици години наназад, а на тоа не е одговорено соодветно и системски. Напротив, сите училишта продолжуваат да работат, а бројот на наставници некаде дури и бил зголемен. Имаме сооднос ученици – училишта - наставници кој упатува на тоа дека постои значителен простор за поефикасно користење на ресурсите. Затоа ни е потребна оптимизација на училишната мрежа“, рече Шаќири.

 

Министерот потенцираше дека оптимизацијата не подразбира затворање на училишта и отпуштање на наставници од работа.

 

„Онаму каде некое училиште не функционира поради намален наталитет или миграција, заедно со локалното население ќе му се најде друга намена на објектот. Ќе се внимава децата од прво до трето одделение да имаат настава во местото на живеење, а за децата од четврто до деветто одделение, доколку има потреба да патуваат до најблиското централно училиште, ќе се обезбедат соодветни услови и финансиски средства за превоз. Додека, од наставници секогаш ќе има потреба. Особено сега, кога со новата концепција за основно образование се предвидува промени на наставните планови и програми и повеќе престој и активности на децата во училиште. Така, за секој наставник ќе се најде соодветно место“, додаде Шаќири.

Паралелно, како што рече министерот, потребна е и нова формула за распределба на финансиски средства, затоа што во моментов формулата која се применува ги штити училиштата со мал број на ученици. На другите училишта со поголем број ученици, средствата не им стигаат за сите тековни потреби, посочувајќи дека тие не можат да предвидат средства за професионален развој на наставниците, средства за подигнување на инклузивноста во училиштето, за одржување на објектите и слично.

„Новата формула, предвидуваме да има 4 компоненти. Првата е основна компонента – која ќе ги обезбедува неопходните средства за функционирање на училиштата, согласно трошоци по ученик и тоа средства за плати, за комунални услуги за греење, материјали, ситен инвентар и така натаму. Втората е варијабилна компонента – која треба да обезбедува средства за превоз на учениците, технички помагала за учениците од 4 – 9 одделение кои се дел од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење за дигиталните учебници, учебници за ученици од прво до трето одделение и надоместок за ученици кои следат настава на јазик кој го зборуваат помалите етнички заедници. Третата е прилагодувачка компонента која обезбедува порамнувачки ефект на резултати добиени од првите две компоненти. И, последната е развојна компонента која ќе стимулира напредок, преку надоместоци за остварени добри резултати, а согласно конкретни параметри“, образложи Шаќири.

 

Тој изрази очекувања дека час поскоро ќе се дојде до финални решенија и тие ќе почнат да се применуваат. Како што рече, се надева на поддршка од УНИЦЕФ и Светска банка и во иднина, бидејќи нивното искуство е од голема важност за нас како земја во развој која стреми да стане развиено општество.

[ четврток, 10 ноември 2022 ] [ 0 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar