Шаќири: граѓанскиот сектор е важен партнер во креирањето на промените што треба да се случат во образованието

 

Шаќири: граѓанскиот сектор е важен партнер во креирањето на промените што треба да се случат во образованието

 

 

Владата на Северна Македонија е исклучително посветена на градењето квалитетен национален образовен систем кој ќе создава нови генерации подготвени за справување со предизвиците кои денес се познати, но и со оние кои не ни се познати, а ќе се појават за 10-20 години отсега. Во таа насока, со голема поддршка од УНИЦЕФ започнавме процес на национални консултации за тоа како треба да изгледа образованието во нашата земја во иднина, а кој треба да биде заокружен пред почетокот на Самитот за трансформација на образованието кој го организираат Обединетите Нации во септември годинава, каде ќе ги презентираме нашите приоритети за следниот период во оваа сфера.

 

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната средба со претставници на повеќе граѓански организации на која се дискутираше за тоа како да се овозможи целосно закрепнување од пропустите и нарушувањата во наставата и учењето предизвикани од Ковид-19, но и како да се трансформира образованието и да се овозможи усвојување на доживотни вештини за 21-от век, а училиштата да станат инклузивни, правични и безбедни места.

 

Шаќири рече дека граѓанскиот сектор и досега беше исклучително важен партнер во креирањето на промените за подобро образование, така што, очекува придонес и сега во овој процес на консултации од кој треба да произлезе стратешки документ, односно Национална заложба која ќе обезбеди повеќе и подобри образовни можности за граѓаните.

 

„Државата има план за тоа како треба да изгледа образованието сега и во иднина. Промени се случуваат за да обезбедат поголема флексибилност на образовниот систем, покреативна настава, стекнување квалитетни животни вештини, инклузивна училишна средина и така натаму. Но, тој план може и треба да биде модификуван, затоа што се менуваат и општествените состојби, се менуваат глобалните трендови. И затоа, од исклучителна важност ни е мислењето и придонесот на граѓанските организации. Сакаме да ги слушнеме вашите сугестии и тие секако ќе бидат земени предвид при секој следен чекор“, рече Шаќири упатувајќи апел до присутните претставници на здруженијата да се вклучат во дебатата и со тоа да помогнат во градењето на подобра иднина за државата и граѓаните, преку развој на квалитетен образовен систем.

 

Ова е четврта дебата која се организира во рамки на националните консултации за тоа како треба да изледа образованието во државата во иднина, откако претходно МОН и УНИЦЕФ го слушнаа мислењето на пратениците во Собранието и на претставниците на локалните самоуправи, а беше организирана и визионерска работилница со млади во резиденцијата на Претседателот на Северна Македонија.