Квалитетното високо образование ја зголемува шансата за квалитетно вработување. Во овој контекст, улогата на високото образование е да изгради вискокомпетентни кадри кои брзо и успешно ќе одговорат на потребите на пазарот на труд, рече министерот за образовани и наука Јетон Шаќири на тркалезната маса за хармонизација на студиските програми во високото образование со потребите на пазарот на трудот, што денска се одржа на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Во дебатата учествуваа академскиот и бизнис секторот, посочувајќи на идните чекори за усогласување на студиските програми со барањата на компаниите.
Министерот Шаќири нагласи дека приоритетна цел на Владата и на Министерството за образование и наука е обезбедување квалитетно и инклузивно образование.
„Од клучно значење е младите, во текот на образовниот процес, да стекнат таква комбинација од знаења, вештини и ставови што ќе им обезбеди вработливост во услови на брз технолошки развој. За да ја оствариме оваа цел, почнавме со темелна реформа на образовниот систем“, прецизира Шаќири.
Во рамки на целосно новиот образовен модел на основно образование, што се воведува етапно, клучно е децата да ги совладаат основните вештини, да стекнат дигитални компетенции но исто толку важно е да стекнат и вештини како критичко размислување и креативност, на кои инсистира речиси секоја индустрија. Младите луѓе, како што рече министерот, треба да бидат способни објективно да анализираат информации, да донесат разумен заклучок и креативно да го решат предизвикот.