Квалитетното високо образование ја зголемува шансата за квалитетно вработување. Во овој контекст, улогата на високото образование е да изгради вискокомпетентни кадри кои брзо и успешно ќе одговорат на потребите на пазарот на труд, рече министерот за образовани и наука Јетон Шаќири на тркалезната маса за хармонизација на студиските програми во високото образование со потребите на пазарот на трудот, што денска се одржа на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Во дебатата учествуваа академскиот и бизнис секторот, посочувајќи на идните чекори за усогласување на студиските програми со барањата на компаниите.
Министерот Шаќири нагласи дека приоритетна цел на Владата и на Министерството за образование и наука е обезбедување квалитетно и инклузивно образование.
„Од клучно значење е младите, во текот на образовниот процес, да стекнат таква комбинација од знаења, вештини и ставови што ќе им обезбеди вработливост во услови на брз технолошки развој. За да ја оствариме оваа цел, почнавме со темелна реформа на образовниот систем“, прецизира Шаќири.
Во рамки на целосно новиот образовен модел на основно образование, што се воведува етапно, клучно е децата да ги совладаат основните вештини, да стекнат дигитални компетенции но исто толку важно е да стекнат и вештини како критичко размислување и креативност, на кои инсистира речиси секоја индустрија. Младите луѓе, како што рече министерот, треба да бидат способни објективно да анализираат информации, да донесат разумен заклучок и креативно да го решат предизвикот.
Во средното образование, во изминативе две години, МОН реализира успешен модел на соработка на средните стручни училишта, локалните самоуправи и бизнис заедницата, а средношколците ги совладуваат стручните знаења и вештини кај компаниите, во производствениот процес. Атрактивноста на средното стручно образование е повторно вратена. Минатата учебна година во сите средни стручни училишта во Северна Македонија имаше 97 дуални паралелки со 1.400 ученици а оваа учебна година има над 200 дуални паралелки со 2.700 ученици, при што над 400 компании се вклучени во процесот на практична обука во реални услови.
„Ценам дека овој модел на поврзување на образовни установи и компании може да се примени и во високото образование, но за тоа ни е потребна добра подготовка и проактивност од страна високообразовните институции. Министерството и стопанските комори заедно работат на постигнување поголема насоченост на студиските програми кон компаниите, посебно кон оние кои применуваат нови технологии, со цел да се надмине недостигот на практично искуство и на релевантни стручни вештини и компетенции кај дипломираните студенти, што ќе им го олесни брзиот влез во работниот процес“, укажа министерот Шаќири.
Министерство за образование и наука продолжува да работи на операционализација на решенијата кои значат развој и унапредување на високото образование и градење човечки капитал способен за соочување на предизвиците на 21 век.