Шаќири во Охрид и Струга, Алиу во Кичево: младите да се фокусираат на средното стручно образование кое нуди поголема веројатност за личен успех

 

Шаќири во Охрид и Струга, Алиу во Кичево: младите да се фокусираат на средното стручно образование кое нуди поголема веројатност за личен успех

 

 

Со организирање на отворени денови на средните стручни училишта во Охрид, Струга и Кичево денеска продолжи реализацијата на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која втора година по ред Министерството за образование и наука ја спроведува со поддршка од Швајцарската амбасада и проектот „Образование за вработување“, а чија цел е унапредување на квалитетот на средното стручно образование преку инклузивен пристап со учество на сите засегнати чинители и промоција на придобивките од овој тип на образование пред идните средношколци.

 

 

„Денеска ги презентираме предностите и придобивките од средното стручно образование пред младите од Охрид, Струга и Кичево. Полуматурантите ги информираме за сите новини кои од учебната 2022-2023 година ќе ги понудат средните стручни училишта, а кои се резултат на дијалогот што МОН го спроведува со општините, училиштата и бизнис заедницата. Ги информираме каде има нови наставни програми, нови дуални паралелки, кои компании се вклучуваат во практичната подготовка на учениците, но и ја подигнуваме свеста дека овој тип на образование нуди поголеми можности за нивен личен успех“, рече Шаќири.

 

 

Потсети дека до крајот на овој месец ќе се заокружи планот за реализација на 16 промотивни настани и секаде, како што рече, во секој град ќе ја испратиме истата порака - младите да се фокусираат на средно стручно образование, затоа што токму во таа област е иднината.

 

„Општеството се соочува со дефицит на стручен кадар, има многу слободни места за кои се бараат стручни квалификации.  Така што, стручното образование обезбедува поголема веројатност за брз и успешен настап на пазарот на трудот, за побрзо финансиско осамостојување на младите и економска стабилност. Воедно, обезбедува и добра основа за секој кој сака академски да се надградува“, потенцираше Шаќири.

 

Министерот упати благодарност до сите учесници во кампањата „Учи паметно, работи стручно“, нагласувајќи дека преку инклузивен пристап се остварени одлични резултати.

 

„За само година и половина од 11 дуални паралелки, стигнавме до 97 дуални паралелки во соработка со 200 компании во моментов, а од идната учебна 2022/2023 година отвораме 223 дуални паралелки во соработка со 450 компании кои практично ќе ги обучуваат учениците директно во производствените и организациските процеси. Така што, се надевам дека оваа кампања ќе продолжи и во следните години, сé додека дава придонес кон усогласувањето на образовните политики со политиките за вработување и за пополнување на слободните места на пазарот на трудот“, нагласи Шаќири.