Создавање обучени и стручни млади луѓе кои се подготвени брзо да се вклучат во работата на компаниите е еден од најголемите предизвици со кои се соочува Република Северна Македонија. Еден од успешните модели на градење квалитетни кадри, за кои има потреба на пазарот на труд, е дуалното образование. Во соработка со Делегацијата на германското стопанство и повеќе партнер-компании ја спроведуваме програмата за средно стручно образование по германски модел, а од година во година бројот на осмооделенци кои избираат теоретските знаења да ги дополнуваат со практична работа во реална производствена средина, е се поголем. Ова го нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната онлајн средба со директорот на Делегацијата на германско стопанство во Република Северна Македонија Патрик Мартенс.
„Сега сме на почеток на нова серија дијалози меѓу централната власт, локалните самоуправи и компаниите со цел да се утврдат реалните потреби за одредени стручни профили. Ги поттикнуваме компаниите во што поголем број да го поддржат дуалното образование на локално ниво, затоа што на тој начин инвестираат во стручни кадри кои ним им се потребни“, рече министерот Шаќири.
Преку спроведување на германскиот модел на дуално стручно образование, кој става посебен акцент на стекнување практично работно искуство и меки вештини, обезбедуваме висококвалитетно образование по германски стандарди, укажа директорот Мартенс, додавајќи дека кај компаниите – партнери на Делегацијата на германско стопанство, на учениците им се нуди обука со висок квалитет и принципи. Тоа им овозможува на средношколците по завршувањето на школувањето, лесно прилагодување од образовна во работна средина. Мартенс посочи дека стручни лица од Германија континуирано обезбедуваат обуки за обучувачите, кои потоа се грижат за учениците кога изведуваат практична работа во компаниите.
Министерот Шаќири и директорот Мартенс изразија надеж дека надминувањето на состојбата со пандемијата ќе значи поуспешно одвивање на образовниот процес.