Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска: образованието е најмоќна алатка за позитивна трансформација на општеството

Царовска: образованието е најмоќна алатка за позитивна трансформација на општеството

 

Царовска: образованието е најмоќна алатка за позитивна трансформација на општеството

 

Од општество соочено со меѓуетнички конфликти пред 20тина години, се трансформираме во мирно и хармонично општество за сите, за кое се заложи актуелната влада преку своите мултиетнички и мултикултурни политики. Овој концепт ќе продолжи да се имплементира сé до конечно остварување на целите заради кои е креиран, да се изгради држава во која буквално сите ќе имаат чувство дека припаѓаат тука, дека ова е нивната татковина и тоа се луѓето, сограѓаните со кои треба да живеат, да работат и воопшто да создаваат заедничка иднина.

 

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на панел дискусија посветена на етничката нетолеранција и национализмот во земјите од Западен Балкан, што втор ден се одржува виртуелно, како дел од Самитот за демократија во Југоисточна Европа, организиран од Меѓународниот републикански институт.

 

„Не е лесно да се работи на овие цели. Затоа што лузните од едни времиња кога беа застапени некои други идеологии и визии, тешко избледуваат, но тоа не значи дека немаме напредок и дека треба да се откажеме од остварување на поставените цели. Напротив, како што посочив, напредокот е многу голем и тоа е мотив да продолжиме да работиме на сузбивање на, јас ги нарекувам „пороци“ кои го уништуваат човештвото повеќе од сите други пороци кои почесто се споменуваат во секојдневието“, рече Царовска.

 

Министерката истакна дека во оваа насока, Владата на Северна Македонија е фокусирана на крупни промени во образованието како најдобар механизам преку кој се влијае на начинот на размислување и однесување на цели генерации. Идејата е учениците уште од најрана возраст покрај стекнување на применливи знаења и вештини, да се насочат и кон вистински граѓански вредности кои ја елиминираат нетолеранцијата, меѓуетничката нетрпеливост, дискриминацијата и насилството во сите облици.

 

„Реформите кои ги правиме во образованието ќе им помогнат на младите да прераснуваат во добри луѓе кои ќе знаат како да ги почитуваат различностите во општеството, односно соживотот со различни од себе да го сметаат за придобивка. Ќе знаат да ја ценат важноста на родовото прашање, да разликуваат добро од лошо, да препознаваат и да одбегнуваат иницирање на секаков облик на насилство, вклучително и говор на омраза кој е особено застапен на интернет просторот. Фокусирани сме и на медиумска писменост и препознавање и не наседнување на лажни вести и овие теми се исто така дел од новите наставни програми изготвени врз основа на усвоена нова Концепција за основно образование во мојата земја“, потенцираше Царовска.

 

Таа додаде дека силно верува во успешноста на планот за реформа на образованието кој ќе биде остварен на среден рок, затоа што истиот е подготвен преку широк процес на јавна дискусија во која особено е земено предвид мислењето на експертската јавност, а како што рече, државата има и голема поддршка од меѓународните партнерски организации, како организациите на Обединетите нации, Светска банка и други.

 

На панел дискусијата, покрај министерката Царовска учествуваа и повеќе други претставници на институции и граѓански организации од Северна Македонија и  Србија.

 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar