Министерката за образование и наука Мила Царовска во разговор за 360 степени, одговори на прашањето зошто се прават измени на постојниот кога се носи нов закон за учебници и наставни материјали.
„Новиот закон за учебници е во Собрание и со него се прави целосна демонополизација на откупот на учебници во државата и на тој начин ќе можат повеќе фирми со повеќе учебници да конкурираат и да бидат на пазар, а училиштата ќе утврдуваат кој од нив ќе ги откупуваат за одредена учебна година и одреден предмет“, вели Царовска.
Министерката истакна дека постојното законско решение треба да има дополнително дефинирање на одредени членови од законот. На овој начин ќе биде појасно кој е квалитет на учебници го купуваме и го бараме за да тоа биде законска обврска и за издавачите да го обезбедат.
„Но, ако ме прашате зошто новото законско решение не го уредува ова, одговорот е дека новото законско решение се однесува на новите наставни програми, новите наставни програми одат со нови учебници со новото законско решение, додека старите наставни програми треба да завршат или да излезат од употреба во период од 5 до 6 години врз основа на старото законско решение“, рече Царовска.