Министерството за образование и наука известува дека е прифатливо компромисното решение за начинот на полагање на државната матура коешто го прифати и Сојузот на средношколци. Предложениот модел е во интерес на сите матуранти, а Република Северна Македонија го задржува стандардот од 4 испити (2 екстерни и 2 интерни) и ниту еден матурант нема да биде оштетен.
Уште утре Матурскиот одбор ќе ги разгледа сите прашања кои произлегуваат од предложените услови по што ќе се воспостави методологијата за полагање на државната матура.
Министерството за образование и наука во соработка со Матурскиот одбор навремено ќе ги информира матурантите за направените промени со цел успешно да се подготват за претстојното полагање на испитите.
Исто така, напоменуваме дека овој модел на полагање на државна матура бил веќе применуван во нашата држава од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година.
Во извештаите на ОЕЦД државната матура како дел од образовниот систем е позитивно оценета и планираме и понатаму да ја подобруваме и унапредуваме.
Министерството за образование и наука продолжува посветено да работи на создавање на квалитетно образование коешто е во интерес на учениците.