Интернационализацијата во образованието помага во личниот и професионалниот развој на сите чинители во образовниот процес. Ги проширува хоризонтите, го зголемува опсегот на социјални врски кои ги градиме и директно влијае врз можностите за вработување. Влијае и врз самите институции, им дава глобална перспектива, можност да бидат во тек со случувањата во меѓународни рамки, како и да го прошират својот опсег на делување.
Поради овие причини, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност заедно со Министерството за образование и наука започнува процес на изработка на Стратегија за интернационализација во образованието која како документ ќе има за цел да го доближи македонското образование до европските практики во областа и да понуди конкретни чекори за подобрување на степенот на образовна интернационализација во државата.
1. Креирање на работна група
Со цел да се обезбеди директно и суштинско учество во изготвувањето на овој стратешки документ, ќе се формира работна група составена од претставници на институции и организации, како и независни експерти, кои активно ќе учествуваат со предлагање на цели, мерки и активности на Стратегијата.
2. Работни задачи на членовите на работната група и временска рамка
Членовите на работната група ќе имаат за цел во континуитет да учествуваат во креирањето на Стратегијата за интернационализација преку нудење сугестии и коментари на нацрт текстот на Стратегијата како и осмислување на самиот процес на нејзино создавање и промоција.
Работната група се очекува да заседава најмалку пет пати во период од Септември 2020 до Јуни 2021 година и истата ќе биде составена од минимум 8 членови.
3. Профил на членовите на работната група
Заинтересираните кандидати за членство во работната група треба да имаат најмалку три годишно искуство во областа на образованието и високо разбирање на образовните политики во државата, како и европскиот контекст во кој тие се развиваат.
Непосредно искуство со тематските области интернационализација и мобилност во образованието ќе се смета за предност.
4. Потребни документи за аплицирање
Заинтересираните кандидати треба да ги поднесат следниве документи:
Кратка биографија (CV) ;
Пополнетa пријава – потпишана и скенирана.
5. Начин и рок на аплицирање
Рокот за аплицирање да биде до 20 септември 2020 година (23 часот и 59 минути) на електронска адреса internacionalizacija@na.org.mk со назнака за предмет на електронската порака „Пријава за учество во работна група“.
Апликациите што ќе пристигнат по изминување на наведениот рок, како и оние кои не се доставени според условите на повикот, нема да бидат земени предвид.
6. Критериуми при процесот на селекција на кандидати
-Кратка биографија (CV);
-Пополнетa пријава – потпишана и скенирана;
-Три годишно искуство во областа на образованието и високо разбирање на образовните политики во државата, како и европскиот контекст во кој тие се развиваат.
Една институција/организацијa може да номинира повеќе свои претставници за членство во работната група, но ќе се внимава на еднаква застапеност на сите кои номинирале кандидат при финалниот избор.
При изборот за учество во работната група ќе се внимава на соодветна застапеност на сите чинители и области од образованието.
Дополнителни информации за повикот можете да добиете електронски на е-маил адресата: internacionalizacija@na.org.mk