Врз основа на член 49 став 5 од Законот за студентскиот стандард (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/13, 120/13, 41/14,146/15, 30/16, 178/16 и 64/18 , 20/19 и “Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/19, 248/20, 302/20 и 235/24) и Решението за распишување на Конкурс за доделување стипендии на редовни студенти Роми запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2025/2026 година бр. 19-10582/1 од 28.07.2025 година, Министерството за образование и наука, распишува
КОНКУРС
за доделување стипендии на редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2025/2026 година
Министерството за образование и наука за студиската 2025/2026 година ќе додели вкупно 150 (сто и педесет) стипендии на редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија.
I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТУДЕНТСКА СТИПЕНДИЈА ЗА СТУДЕНТИ РОМИ
Право на стипендија имаат студентите запишани на студии од прв циклус кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовните установи во Република Северна Македонија и кои ги исполнуваат следните услови:
1. Да се редовни студенти;
2. Да се припадници на ромската етничка заедница;
3. Да се државјани на Република Северна Македонија;
4. Да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании.
II. КРИТЕРИУМИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТУДЕНТСКА СТИПЕНДИЈА ЗА СТУДЕНТИ РОМИ
Стипендиите за студенти Роми ќе се доделат согласно следните критериуми:
1. Постигнатиот среден успех на кандидатот од сите години од средното образование, за студентите кои се запишани во прва година на додипломски студии од прв циклус;
2. Постигнатиот среден успех од претходната студиска година за студентите кои студираат во сите останати години на додипломски студии од прв циклус;
3. Да се редовни студенти на некој од јавните или приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2025/2026 година;
4. Предност при селекција ќе имаат студентите Роми кои студираат на јавните или приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија кои образуваат наставен кадар.
Студентите кои во студиската 2024/2025 година биле корисници на стипендија од Министерството за образование и наука, а не запишале нареден семестар или повисока студиска година, немаат право на стипендија во академската 2025/2026 година.
III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА
Висината на стипендијата изнесува 6.000 денари месечно за девет (9) месеци во текот на студиската 2025/2026 година.
IV. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk од 20.10 до 07.11.2025 година
Потребните документи за аплицирање се следните:
A) За студенти запишани во прва студиска година потребни се следните документи:
1. Оригинал потврда за редовен студент во студиската 2025/2026 година (скенирана);
2. Скенирани оригинални свидетелства од сите 4 години од средно образование;
3. Скенирано уверение за државјанство на Република Северна Македонија;
4. Трансакциска сметка на име на студентот (скенирана);
5. Потврда од ромски регионални здруженија/организации/невладини дека студентот е припадник на ромската етничка заедница и активно учествува во активности поврзани со ромската заедница во општината каде што живее (скенирана).
Б) За студентите од сите останати студиски години, потребни се следните документи:
1. Оригинал потврда за редовен студент во студиската 2025/2026 година (скенирана);
2. Скениран индекс;
3. Оригинал уверение за положени испити (скенирано);
4. Скенирано уверение за државјанство на Република Северна Македонија;
5. Трансакциска сметка на име на студентот (скенирана);
6. Потврда од ромски регионални здруженија/организации/невладини дека студентот е припадник на ромската етничка заедница и активно учествува во активности поврзани со ромската заедница во општината каде што живее (скенирана).
V. ОБЈАВА НА РЕЗУЛТАТИТЕ
Списокот на кандидати на кои им се доделува стипендија ќе биде објавен на 28.11.2025 година интернет страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk.
Студентите кои ќе добијат стипендија ќе добијат решение за правата и обврските од користењето на стипендијата на профилот преку кој ја поднеле апликацијата за стипендија, во делот „Мои апликации“ на порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk.
Некомплетно пополнетата апликација нема да се разгледува и истата нема да влезе во конкуренција со останатите кандидати кои се пријавиле на Конкурсот.