Врз основа на член 54 став 3 од Законот за ученички стандард („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14, 146/15, 30/16, 64/18 и 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 248/20, 302/20 и 235/24), а согласно Одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2025/2026 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 140/25) и Решението за распишување на Конкурс за доделување стипендии на ученици Роми од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2025/2026 година бр. 19-10583/1 од 28.07.2025 година, Министерството за образование и наука, распишува
КОНКУРС
за доделување на стипендии во четири категории за ученици Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2025/2026 година
Министерството за образование и наука за учебната 2025/2026 година ќе додели 1200 (илјада и двесте) стипендии во четири категории за ученици Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија.
I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА
Во учебната 2025/2026 година се доделуваат вкупно 1200 стипендии за средношколци Роми во четири категории, од кои:
1. Во првата категорија се доделуваат вкупно 340 стипендии за средношколци Роми за учебната 2025/2026 година во висина од 3.000 денари месечно по ученик, а кои постигнале успех од 4.50 до 5.00 во последната учебна година;
2. Во втората категорија се доделуваат 390 стипендии за средношколци Роми за учебната 2025/2026 година во висина од 2.300 денари месечно по ученик, а кои постигнале успех од 3.50 до 4.49 во последната учебна година;
3. Во третата категорија се доделуваат 250 стипендии за средношколци Роми за учебната 2025/2026 година во висина од 1.700 денари месечно по ученик, а кои постигнале успех од 3.00 - 3.49 во последната учебна година;
4. Во четири категорија се доделуваат 220 стипендии за средношколци Роми за учебната 2022/23 година во висина од 1.200 денари месечно по ученик, а кои постигнале успех од 2.00 - 2.99 во последната учебна година.
II. КРИТЕРИУМИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА
За учениците Роми од прва, втора, трета и четврта категорија стипендиите ќе се доделат согласно следните критериуми:
1) да се редовни ученици запишани во прва, втора, трета или четврта година во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија;
2) да не повторувале во претходната учебна година;
3) да не се корисници на стипендија од други институции/установи или фирми;
4) да се припадници на ромската етничка заедница; и
5) да се државјани на Република Северна Македонија.
При селекцијата на стипендии за прва, втора, трета и четврта категорија предност имаат кандидатите кои имаат повисок општ успех на оценките.
III. НАЧИН, МЕСТО И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Учениците кои ги исполнуваат условите од Конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, од 22.09 до 10.10.2025 година.
Потребните документи за доставување се следните:
1. Оригинал потврда дека е редовен ученик во учебната 2025/2026 година (скенирана);
2. Свидетелствата за завршена претходна учебна година на образование (кандидатите од I година доставуваат свидетелство од IX одделение, кандидатите од II година доставуваат свидетелство за I година, кандидатите од III година доставуваат свидетелство за II година, кандидатите од IV година доставуваат свидетелство за III година) - (да се прикачи оригинално Свидетелство скенирано од двете страни на електронската апликација);
3. Уверение за државјанство на Република Северна Македонија на кандидатот (скенирано);
4. Трансакциска сметка на име на ученикот (скенирана);
5. Изјава дека кандидатот не е корисник на друга стипендија (се пополнува електронски на апликацијата со штиклирање);
6. Изјава на кандидатот дека е припадник на ромската етничка заедница (се пополнува електронски на апликацијата со штиклирање);
7. Потврда од ромски регионални здруженија/организации/невладини дека ученикот е припадник на ромската етничка заедница и активно учествува во активности поврзани со ромската заедница во општината каде што живее (да се скенира и да се прикачи на електронската апликација).
Кандидатите нема да бидат рангирани ако прикачената документација е некомплетна или доколку документите се достават/испратат хартиено.
Списокот со избраните кандидати ќе биде објавен на 07.11.2025 година на интернет страницата на Министерството за образование и наука, а сите кандидати ќе добијат решенија во врска со статусот на поднесените апликации на своите електронски профили на http://e-uslugi.mon.gov.mk.
IV. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА
Висината на стипендијата е наведена за секоја категорија посебно и тоа:
Прва категорија: Стипендии за ученици со успех од 4.50 до 5.00
Првата категорија на стипендија ќе ги опфати учениците Роми кои учат во прва, втора, трета и четврта година, а покажуваат одлични резултати со успех од 4.50 до 5.00. Во оваа категорија на стипендии за учебната 2025/2026 година ќе бидат доделени вкупно 340 стипендии. Висината на стипендијата за прва категорија изнесува 3.000 денари месечно за девет месеци за една учебна година.
Втора категорија: Стипендии за ученици со успех од 3.50 до 4.49
Втората категорија на стипендија ќе ги опфати учениците Роми кои учат во прва, втора, трета и четврта година, а покажуваат многу добри резултати со успех од 3.50 до 4.49. Во оваа категорија на стипендии за учебната 2025/2026 година ќе бидат доделени вкупно 390 стипендии. Висината на стипендијата за втора категорија изнесува 2.300 денари месечно за девет месеци за една учебна година.
Трета категорија: Стипендии за ученици со успех од 3.00 до 3.49
Третата категорија на стипендија ќе ги опфати учениците Роми кои учат во прва, втора, трета и четврта година, а покажуваат добри резултати со успех од 3.00 до 3.49. Во оваа категорија за учебната 2025/2026 година ќе бидат доделени вкупно 250 стипендии. Висината на стипендијата за трета категорија изнесува 1.700 денари месечно за девет месеци за една учебна година.
Четврта категорија: Стипендија за ученици со просек од 2.00 до 2.99
Четвртата категорија на стипендија ќе ги опфати учениците Роми кои учат во прва, втора, трета и четврта година, а во претходната учебна година имаат постигнат општ успех од оцените од 2.00 до 2.99. Во оваа категорија за учебната 2025/2026 година ќе бидат доделени вкупно 220 стипендии. Висината на стипендијата за четврта категорија изнесува 1.200 денари месечно за девет месеци за една учебна година.
Доколку за некоја од категориите не се пополни утврдената квота со соодветни кандидати, тогаш Комисијата има право преостанатите квоти да ги додели во друга категорија каде имало поголем интерес на соодветни кандидати, рангирајќи ги по успех. Така што, слободните квоти ќе ги додели на кандидатите со највисок успех и повисока година кои не успеале да влезат во квотите од нивната категорија.