Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Јаневска: образованието и науката не смеат да бидат фактор за иселување на младите, туку сфери за личен развој и вработување

Јаневска: образованието и науката не смеат да бидат фактор за иселување на младите, туку сфери за личен развој и вработување

 

Јаневска: образованието и науката не смеат да бидат фактор за иселување на младите, туку сфери за личен развој и вработување

 

Во 7 изминати години имаме 17 илјади ученици и 7 илјади студенти помалку. Училниците и амфитеатрите се празнат. Ако тоа не се спречи, државата не може да гледа перспективна иднина. За овие податоци дискутиравме веднаш по преземањето на мандатот и заедно со премиерот и министерката за финансии, одлучивме да обезбедиме најголем буџет за образование досега, за негов развој и со тоа, да го елиминираме од групата на фактори кои го поттикнуваат населението да се иселува од сопствената држава.

 

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната конференција со наслов „Демографски предизвици и можни решенија“ во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади, а на која учествуваа претседателот на Владата и повеќе министри, претставници на Фондот за население на Обединетите Нации и експерти за демографски политики.

 

„Образованието и науката не смеат да бидат фактор за иселување. Мора да бидат сфери кои ќе им овозможат на младите квалитетен процес за лична наобразба, но и сфери каде тие ќе остваруваат работен ангажман, во образовните и во научните установи“, рече Јаневска, додавајќи дека за повеќе образовни и научни можности, буџетот на министерството оваа година е најголем досега.

 

„Го јакнеме ученичкиот и студентскиот стандард. Воведовме мерки и финансиска поддршка која во минатото не постоеше, особено за талентираните деца да можат да учествуваат на големи натпреварувања. Го зголемивме обемот на стипендиите, проширивме опфат на повеќе ученички и студентски права. Го усогласуваме образованието со потребите на пазарот на труд, за да можат младите во кратко време да најдат работа и економски да се осамостојат“, рече министерката, додавајќи дека во фаза на изработка е нов Закон за високо образование кој ќе предвиди можност за вработување на најдобрите студенти од секоја генерација на државните универзитети.

 

Информираше дека двојно е зголемена поддршката за науката и за научно – истражувачки проекти кои се во корелација со целите на Стратегијата за паметна специјализација, потенцирајќи дека младите научници веќе ги знаат и областите во кои има повеќе можности за просперитет и за придонес кон развој на државата.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar