Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Стручното образование е силна страна на македонскиот образовен систем, креира квалитетен и побаруван кадар на пазарот на трудот

Стручното образование е силна страна на македонскиот образовен систем, креира квалитетен и побаруван кадар на пазарот на трудот

 

Стручното образование е силна страна на македонскиот образовен систем, креира квалитетен и побаруван кадар на пазарот на трудот

 

 

Во средните стручни училишта во Македонија успешно функционира концептот на дуално образование во чија реализација е вклучена и бизнис заедницата. Училиштата и компаниите заедно содаваат квалитетен кадар кој полесно може да се снајде на пазарот на трудот. Затоа, развојот и проширувањето на овој концепт ќе биде наш приоритет и во следниот период.

 

Ова го истакна државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска на панел дискусија „Достапност на квалификувана работна сила: предизвик и стратешки фактор за инвестициски одлуки и економски раст“, организирана во рамки на Првиот македонско – германско бизнис самит, со кој АХК германската стопанска комора во Македонија одбележува 25 години постоење.

 

Ивановска рече дека од самиот почеток на мандатот, новото раководство во МОН се заложи за унапредување на законската регулатива, бидејќи таа е основ за спроведување на образовните политики, новите мерки и активности со кои ќе се остварат целите од владината програма за градење на поквалитетен образовен систем.

 

„Во новиот Закон за стручно образование и обука системски се уреди концептот на дуално образование, се прецизираа обврските на сите учесници во реализацијата. На пример се дефинираше кој и како може да стане ментор на учениците, компаниите да им исплаќаат месечен надомест на практикантите, да им овозможат заштита и безбедност при работа и така натаму. Со Законот за средно образование пак, се предвиде поголема поддршка за талентираните ученици, се воведуваат кариерни советници што ќе ги насочуваат учениците и сето ова е во интерес на создавање на потребната квалификувана работна сила“, рече Ивановска.

 

Осврнувајќи се на регионалните центри за стручно образование и обука рече дека тоа се всушност средни стручни училишта кои се трансформираат во образовни установи со поголема вредност и повеќе функции, обврски и одговорност.

 

„Таму не само што се реализира средно стручно образование за ученици, туку идејата е да се реализира и образование и обука на повозрасни кои имаат потреба од доквалификација, преквалификација и слично, за да станат конкурентни на пазарот на трудот. Фреквентноста на луѓе ќе биде многу поголема. Центрите ќе прават и анализи на пазарот на трудот, ќе креираат програми за настава и обука и така натаму“, рече Ивановска, додавајќи дека во моментов се формирани 7 регионални центри, а до 2028 година ќе се формира осмиот и последен, што како обврска е предвидено во Реформската агенда.

 

Државниот секретар информираше дека во регионалните центри се вложуваат големи износи на средства за да има добри училници, опремени кабинети, работилници и соодветни сместувачки капацитети. Средствата во најголем дел ги обезбедува Европската унија, а Ивановска ја повика и бизнис заедицата да помогне во модернизацијата на инфраструктурата, затоа што, како што рече, училиштата се инкубатори на човечки капитал кој и нив им е потребен.

На панел дискусијата модерирана од Дејан Чуповски, раководител на програмата за дуално образование при АХК германската комора, се обратија и програмската директорка на  Источниот комитет на германското стопанство, директорот на средно стручно училиште „Св. Наум Охридски“ во Охрид, Сашо Недески, раководителката на одделот за глобална техничка и комерцијална обука во компанијата Дрекслмаер, Барбара Гербер и управниот директор на компанијата Унија Груп, Бранислав Серафимоски.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar